Достапни линкови

Јосиповиќ во посета на Македонија


Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска
Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска

Претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ престојува во официјална посета на Македонија.

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ денеска е во официјална посета на Македонија. Тој се среќава со македонскиот претседател Ѓорге Иванов. За попладнево е предвидена средба и со премиерот Никола Груевски. Ова е прва посета на Јосиповиќ на Македонија, откако во февруари ја презеде претседателската функција.

Јосиповиќ е голем подржувач на зачленувањето на Западниот Балкан во ЕУ. Проширувањето не смее да запре се додека и последната држава од овој регион не влезе во Унијата, рече тој, минатиот месец.

На крајот на минатата година, непосредно пред претседателските избори во Хрватска, земјава ја посети и претходникот на Јосиповиќ, Стипе Месиќ. Тоа беше негова проштална посета. Тогаш Месиќ даде свое видување „на модалитетите за надминување на блокадата“ што и ја прави Грција на земјава во поглед на евроатлантските интеграции. Според него, еден од начините да се надмине ова прашање е „тоа да се замрзне додека Македонија не си ги оствари своите надворешнополитички цели. Втора алтернатива е да се формира арбитража кое ова прашање ќе го стави настрана, а Македонија ќе ги продолжи преговорите со ЕУ“.

Иво Јосиповиќ

Премиерот Никола Груевски, пак, во изминатиов период, неколку пати се сретна со неговата хрватска колешка Јадранка Косор. При нејзината минатогодишна посета на земјава, таа рече дека Македонија ја има целосната поддршка од Хрватска на патот кон Европската Унија и кон НАТО. Заради унапредување на економските релации меѓу двете земји, тогаш беше формиран и тим за соработка, за остварување нови партнерства, како и за излез од светската економска криза.

Македонија и Хрватска немаат отворени политички прашања. Двете земји имаат многу заеднички работи – излегоа од заедничката југословенска федерација и се кандидати за членство во Европската унија. Македонија, заедно со Хрватска и со Албанија, требаше да стане членка на НАТО, но не доби покана поради противењето на Грција.

Хрватска имаше слични проблеми, но се покажа поуспешна во решавањето. Нејзините евроинтеграции беа блокирани поради спорот со Словенија, но двете земји се договорија, територијалниот спор да го решат со меѓународна арбитража.

Економската соработка меѓу двете земји може да се оцени како добра. Хрватска е еден од најголемите надворешно-трговски партнери на Македонија, при што македонските фирми повеќе извезуваат на хрватскиот пазар, отколку што увезуваат хрватски производи.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG