Достапни линкови

Ваши коментари


Плоштад Македонија
Плоштад Македонија

Почитувани слушатели се гледа дека ги читате нашите текстови и се повеќе испраќате пораки.

Нека и' е честито на Шпанија, не е малку да бидеш и европски и светски првак, во што и да е, а камоли во најважната споредна работа на светот - фудбалот! Ги видовте ли резултатите од вашата анкета, почитувани? Галиба сте ја утнале работата, или, пак, навивачите на Холандија биле повредни, па повеќе го посетувале нашиот сајт. Значи, 44,4 отсто од вас погодиле дека Шпанија ќе се качи на победничкиот пиедестал, а нешто повеќе, 55,6 отсто типувале на Холандија, ама не погодија. Да ви признаам нешто, јас не гласав во анкетата на Радио Слободна Европа, ама навивав за Шпанија. Кога ли ние ќе стигнеме да се радуваме на некоја победа и да навиваме за некои наши?!

Верувам, инаку, дека сте задоволни со вестите и занимливостите што повеќе од еден месец можевте да ги читате во специјалниот ’фудбалски‘ дел на нашата веб-страница, за случувањата на светското првенство во Јужна Африка.

Како и вообичаено, инаку, се гледа дека ги читате нашите текстови и си испраќате пораки. И верувам, дека откако ќе си го кажете, односно, напишете мислењето - ви олеснува. Па, ние постоиме за вас, почитувани!

Шпанските репрезентативци му се радуваат на пехарот

Јордан од Скопје, на пример, го коментира пишувањето на неделникот Фокус, што го објавивме во прегледот на неделниците. Вели, не можел да ја разбере злобата на некои луѓе од т.н. јавен живот во Македонија. Па ги реди новинарите-дописници од странство, душегрижинците кои учествуваа во приватизацијата, а за веселата математика,(зборовите што ги употребува неделникот), вели, ќе кажел народот.

Текстот за собраниската дебата по повод барањето на опозицијата да биде разрешен претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, затоа што дозволил неуниформирани полицајци со оружје да влезат во собраниската зграда, ги испровоцирало Обединетите Македонци од Торонто во Канада да испратат порака со поддршка за Владата на Македонија, но и со воинствен повик да се уништеле предавниците на Македонија. Значи, Радио Слободна Европа, преку интернет, стигнува и до Канада. Добро е.

Инаку, на прашањето во нашиот Хајд парк, каде на годишен одмор, дали на скопската новоотворена плажа или во Грција на море, продолжувате со вашите пораки, почитувани. Една од последните е испратена со потпис „Загрижена“, која во паника пишува дека државичкава ни била пред распад, а вие, вели зборувате за летување. Загрижената реагира на тоа што народов нема никаква идеја или иницијатива за спас на она што останало, и ако е така, вели, овој народ не заслужува ништо подобро.

Некој потпишан со „Атиа“ констатира дека политиката е длабоко навлезена во нашето општество и дури ги нарушува одлуките за дестинација за одмор. Па прашува дали толку ниско и патетично паднала Владата што им препорачувала на граѓаните да не патуваат во Грција, (мисли веројатно на плакатите наредени низ Скопје), а премиерот шири националистички пораки, пишува загрижено и револтирано Атиа од Скопје.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG