Достапни линкови

Фудбалската еуфорија заврши, барем засега


Фудбалскиот свет доби нов владител. Во наредните четири години на тронот ќе седи Шпанија, која со победата против Холандија го освои Светскиот куп што се одржа во Јужна Африка. Време е за славење, солзи, но и за биланси.

По едномесечна еуфорија и со одиграни 64 натпревари во Јужна Африка синоќа заврши Светскиот фудбалски куп 2010. Го започнаа 32 репрезентации, но само Шпанија и Холандија се пробија до финалето во Јоханесбург.


Тоа беше своевиден преседан, бидејќи без оглед кој и да победеше и на едниот и на другиот тим ќе им беше за првпат да станат светски шампиони во историјата.

Сепак, со минималната победа од 1 спрема нула во продолжението на натпреварот, Шпанија стана осмата фудбалска нација која го освои светскиот куп.
Ние сме многу среќни за победата, игравме навистина добро. Беше фантастично

„Ние сме многу среќни за победата, игравме навистина добро. Беше фантастично.“

За Холанѓаните, пак, тоа беше трет пораз во финалните мечеви на светските првенства. Претходно тие во 1974 година загубија од Западна Германија, а во 1978 од Аргентина. И двата пати стануваше збор за домаќини на светските купови.

Колку за Холандија ова финале беше значајно говори еден од нејзините навивачи:


„Сме биле на многу фудбалски натпревари досега, но овој е специјален за нас и ние сигурно ќе победиме.“

Сепак, тоа не се оствари во финалето, а за поразот холандските навивачи го обвинија, кој друг ако не судијата:

„Навистина лошо. Мислам дека судијата Хауард Веб целосно не оштети. Тој е корумпиран. Има земено пари.“

Финалниот меч, според податоците, со посредство на телевизијата го следеле повеќе од 500 милиони гледачи во светот.

Претходно, ФИФА соопшти дека сите натпревари на стадионите во Јужна Африка ги гледале над три милиони гледачи. Тоа е трет светски турнир кој има постигнато толку голема посетност.
Навистина лошо. Мислам дека судијата Хауард Веб целосно не оштети. Тој е корумпиран. Има земено пари.


Претседателот на Јужна Африка Јакоб Зума на крајот од првентсвото оцени дека првиот светски фудбалски куп одржан во Африка бил историски, различен и многу африкански.

Инаку, за најдобар фудбалер на Светското првенство е прогласен напаѓачот на Уругвај Диего Форлан кој ја доби Златната топка на ФИФА. Тој одигра седум натпревари и постигна пет голови и една асистенција.

Во конкуренција за оваа награда беа и Шпанците Давид Виља и Андрес Иниеста, Германците Месут Езил и Бастијан Швајнштајгер, како и Холанѓаните Весли Снајдер и Ариен Робен.


За најдобар млад фудбалер е прогласен дваесетгодишниот Германец Томас Милер кој даде 5 голови и забележа три асистенции, а Шпанецот Икар Касиљас е добитник на признанието Златна ракавица за најдобар голман.

Ова светско првентсво го одбележа и Пол, видовитиот октопод од Германија кој ги погоди сите резултати кои ги прогнозираше на Мундијалот, вклучувајќи го и финалето.

Проценката дека Германија ќе загуби го направи многу омразен во таа земја, па некои шпански политичари на шега изјавија дека ќе му дадат азил на октоподот Пол.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG