Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Случувањата со појавата на радикални структури во Исламската верска заедница, е тема со која се занимава ,,Глобус". Прочитајте што донесуваат другите неделни весници.

,,Исламска верска заедница – раскол,, пишува во најновиот број ,,Глобус,, анализирајќи ги тепачките што неодамна се случија во Иса-Беговата џамија во Скопје, кога наместо молитва заиграа тупаници. Неделникот забележува дека тупаниците и пцостите се само уште една епизода во трагикомичниот серијал обиди за освојување на превласта во Исламската верска заедница. Авторот на анализата уште во насловот ја исфрла својата интересна теза: ,,За парите и за гласовите на верниците се работи!,, па продолжува со пораката дека се ближат избори! Имено, пишува ,,Глобус,, не дека во Македонија нема застапници на идеите и на учењата на радикалниот ислам, но и зад тепачката во Иса-Беговата џамија и зад обидите за соблазнување на македонската јавност со наводното организирано делување на радикалите, ,,неизбежниот,, марш на вахабитите и на други слични исламски фундаменталисти, сепак, стои желбата за контрола врз ИВЗ, нејзините пари и имотите, како и за влијание врз верниците во претстојната меѓупартиска пресметка во албанскиот политички блок.Едноставно, наведува ,,Глобус,, ИВЗ во суверена Македонија е под директна политичка контрола на албанските политички партии и сите конфликти се производ на судирите помеѓу ДПА и ДУИ , а религијата при ова има мошне мала или речиси никаква врска.
,,Четири години преродба, а Бранко Црвенковски се' уште не е уапсен!?,, саркастично се чуди и прашува авторот на уводникот во најновиот број на ,,Фокус,,. Па во истиот стил продолжува дека со Груевци времето просто летало. Додека трепнеш, поминале четири години. Оти со нив никогаш не е досадно, вели. Тие секогаш знаат како да ти го убијат денот. Постојано те држат на штрек, мораш да внимаваш на природата, да не фрлиш ливче кај што не треба; не смееш да запалиш цигара на јавно место; треба да се трудиш и трето дете да направиш …Ем 24/7 да веруваш дека само благодарение на добриот Грујо, злобниот Бранко нема шанса, од лошото да направи полошо. Од толку работа, не стигнаа, ете, ни да го притворат човекот. ,,Фокус,, признава дека е точно дека Груевци градат повеќе од Бранковци, меѓутоа, колку крадат притоа, ги повикува граѓаните сами да пресметаат: ставете ги на купче парите за компјутери по училиштата, милионите за рекламни кампањаи, па за патриотски фискални сметки, па за споменици, спортски сали, судски згради, опреми за болници, земјоделски субвенции … соберете го сето она што оваа власт го потроши во нејзиниот мандат, ем повикајте ја на помош веселата математика на Латас, па повторно нема да стигнете до милијардите што Груевци ги потрошија повеќе од Бранковци во нивниот последен мандат! Каде се парите? – прашува неделникот и се чуди како тоа сега немало ниту 200-300 илјади за лобисти во Брисел, бидејќи повеќе ефекти за Македонија давале рекламните спотови од кампањата Инвестирајте во Македонија?!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG