Достапни линкови

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат...

Весници, магазини, неделници, печат...

Инцидентот во Собранието е доминантен во извештаите на дневните весници изминатата недела.

Што мислите, кој настан доминираше во извештаите на медиумите во изминатата недела, почитувани? Не дека во нашето Собрание немало ситуации кои само оддалеку потсетуваа на некои што како забава сме ги гледале по телевизиите од некои други парламенти, но кога мечката ќе заигра и во сопствениот двор - изгледа сосема поинаку.

„Со шарени маички во Собранието“, објави Утрински, по
инцидентот меѓу опозициските пратеници и обезбедувањето во Собранието, откако не беше изгласан Законот за стечајците. Весникот пишува дека полека станува обичај и некаков дрес-код кај нас, официјалните припадници на обезбедувањето, дури и на претседателот на државата да бидат лежерно облечени, што не се совпаѓа со нивните работни задачи и одговорноста.

Нова Македонија, во насловот „Нови политички модрици врз големото око“, како претензиозно да алудира на Брисел како големо око, и ги наведува оценките и на владејачката и на најголемата опозициона партија и на политичките аналитичари дека влечењето и навредите што си ги разменија пратениците на СДСМ и на НСДП со полициското обезбедување ќе ја турнат државава во внатрешна инситуционална криза.

Вечер целосно ја обвинува опозицијата за инцидентот пишувајќи дека „Опозицијата станува тотално агресивна“.

Односите помеѓу двете најголеми партии се исто така една од главните теми во медиумите, сега, по инцидентот. „Партиите ги вжештија односите по инцидентот, реториката е доведена до екстремно ниво, се бара посредување на странските амбасадори, а СДСМ решава дали ќе го напушти Собранието“, пишува Време. Утрински, пак, „Политички невкус во битката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, ги оценува острите писма што си ги разменија генералните секретари на двете партии по инцидентот.

Дневник пишува: „Отворени писма со отровни намери“. Нова Македонија смета дека секретарите ја продолжија портпаролската битка. Истиов весник го анализира фактот што извршната власт подготвува дури 90 отсто од актите што ги носи собранието и дека поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се занемарува во интерес на политички одлуки. Делот од насловот за кусите нозе на владата на анализата во Нова Македонија е искористен од некој графит на една зграда во Скопје, што весникот го објавува и на фотографија: „На Владата кратки и' се нозете, долга и' е раката“.

Утрински и натаму ја следи состојбата во јавното здравство и во клиниките во Скопје, за кои пишува дека се во распад, и дека сите се во паника - пациентите поради недостигот на лекари и медицински персонал кои си заминаа по приватните болници, а од друга страна, и лекарите и персоналот во клиниките кои се во страв дали можат да ги опслужат сите пациенти како што треба.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG