Достапни линкови

Патот Битола – Ресен и натаму несаниран


Оштетувања на магистралниот пат Битола-Ресен

Оштетувања на магистралниот пат Битола-Ресен

И покрај најавите од надлежните дека летово ќе биде саниран, патот од Битола до Ресен и натаму е во катастрофална состојба

Патот Битола-Ресен ќе се санира на есен, иако надлежните најавуваа дека во текот на летото ќе се отстрани свлечиштето и тој ќе биде ставен во функција. Со ова, сообраќајот во најфреквентниот период ќе се одвива по стариот коловоз кој многу не ги исполнува условите за безбедно и нормално возење. Секојдневно, стотици возила кои патуваат за Ресен, Преспа, Охрид и Битола минуваат 5 километри меѓу местата викани Ѓавато до Макази по пат со дупки, широк со банкината шест метри.

Битолчани коментираат дека несериозно е надлежните со месеци да го остават патот не поправен, а посебно преку лето со што ќе и се нанесе голема штета на туристичката сезона во Преспа.
Не најдоа за згодно, од февруари ете шест месеци се направија, да го поправат патот. Сега летово барем требаше да биде направен. Треба да вртиш лево, па има кривини, дупки, треба да бегаш десно, а патот не е заштитен. Не е во ред. Наместо да поминат десет автомобили, ќе поминат пет. Не можеш да возиш, губиш на брзина. За туризмот е голема катастрофа, одвај се разви во Преспа, сега го сакатија, го откинаа.


„Да беше пат низ кој минуваат министри и премиери ќе беше досега направено, но бидејќи е Битола слепо црево, никој не е заинтересиран да го направи.“

„Не најдоа за згодно, од февруари ете шест месеци се направија да го поправат патот. Сега летово барем требаше да биде направен. Треба да вртиш лево, па има кривини, дупки, треба да бегаш десно, а патот не е заштитен. Не е во ред. Наместо да поминат десет автомобили, ќе поминат пет. Не можеш да возиш, губиш на брзина. За туризмот е голема катастрофа, одвај се разви во Преспа, сега го сакатија, го откинаа.“

Широк Сокак во центарот на Битола

„Со години не е ништо инвестирано во патиштата во Битола и нормално дека се ќе пропаѓа. Срамота е за сите нас битолчани да не може патот да се асфалтира и да се направи како што треба“, коментираат граѓаните.

Патот Битола-Ресен распука во февруари годинава поради голема влага. Свлечиште долго 70 и широко 60 метри однесе две коловозни ленти од магистралниот пат. Од тогаш, сообраќајот се пренасочи по стариот коловоз кој со децении беше вон употреба. Од Агенцијата за патишта информираат дека во тек е изработка на техничка документација, по што ќе следи избор на изведувач, градежните работи ќе започнат во август, а патот ќе биде саниран во септември.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG