Достапни линкови

Размена на територии


Размена на Прешево за северниот дел на Косово. Таква идеа струи низ регионот, иако сите релевантни фактори, и од Србија и од Косово, ја отфрлаат.

Во Србија и на Косово во последно време повторно се појавија идеи за можна размена на територии и ново разграничување. Притоа се мисли на Прешево кое би се припоило кон Косово во замена за северниот дел на Косово, кое би влегло во составот на Србија. Засега никој релевантен не се согласува со таквите идеи, но ситуацијата на теренот укажува на нешто друго.

Ако во Србија постои идеја за размена на територии, Белград треба да има предвид дека косовските Срби на тоа ќе гледаат како на почеток на прераспределба на Србија. Една од претставничките на косовските Срби, Рада Трајковиќ вели дека за еден таков проект има повеќе отворени прашања.

„Каде ќе бидат примени Србите од енклавите кои нема да имаат иднина во разграничувањето, дали Белград ги прашал Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓа дали сакаат да влезат во составот на Косово?“


Трајковиќ додава дека идеите за создавање на национални држави се застарени.

„Тоа е очигледен пристап за решавање на проблемите од 19-ти век. Тоа ќе биде вовед во натамошна поделба на Србија, а територијални прашања ќе се отворат и на други места во регионот.“

Косовскиот премиер Хашим Тачи, деновиве во Парламентот на Косово нагласи дека идеите за размена на територии се неостварливи и оти идните преговори меѓу Србија и Косово можат да бидат посветени само на технички прашања.
Нема да има поделба на Косово и тука треба да заврши секоја дискусија на таа тема.


„Може да разговараме за практични прашања со властите во Србија, но на сите граѓани на Косово сакам да им разјаснам дека нема да има поделба на Косово и тука треба да заврши секоја дискусија.“

Во евентуална размена на територии меѓу Србија и Косово не веруваат ни Србите ни Албанците во Прешево. Драгољуб Филиповиќ, одборник во собранието на Прешево вели:

„Со оглед на тоа дека во јавноста за ова се зборува подолго време, граѓаните се вознемирени, бидејки за нив тоа е неприфатливо.“

Риза Халими, пратеник од Прешево е на сличен став:

„Тоа се теоретски претпоставки, парктично неостварливи. Дури и Белград и Приштина да седнат да преговараат, не гледам никакви шанси за успех.“


Но, и Филиповиќ и Халими посочуваат на се поголемата поделба, особено меѓу младите Срби и Албанци во Прешево. На прашањето каде одат да студираат Србите, а каде Албанците, Филиповиќ и Халими одговараат.

„Претежно во Ниш и Врање.“

„Во Приштина, Тирана, Тетово. Ни еден Албанец не студира во Србија.“

Слични се одговорите и со вработувањата - Србите од Прешево во српските градови, додека Албанците одат во градовите на Косово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG