Достапни линкови

Инцидент во собранието меѓу пратеници на опозицијата и собраниското обезбедување. Опозицијата и власта со различни приказни за инцидентот.

Пратениците од опозицискиот СДСМ денеска ја напуштија собраниската седница во знак на револт, по синоќешниот инцидент во Собранието. Пратеникот Владо Бучковски вели дека тие се решиле на тој чекор бидејќи власта прави пуч врз законодавниот дом.

„Во оваа наша Македонија се знае дека парламентот не може да биде под полициска диктатура како што беше вчера.“

Дел од опозијата, по напуштањето на седницата имаше состанок со претседателот на собранието Трајко Вељаноски и со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за да утврдат што точно се случило вчера. Но опозицијата и власта даваат различни информации за настанот. Според пратеникот Владо Бучковски, расправијата започнала, откако по завршувањето на седницата и неизгласувањето на Законот за стечајците, тој, заедно со другите пратеници од опозицијата, излегол пред собранието лично да им ја соопшти веста на стечајците. Тогаш пратеничката Весна Бендевска забележала неидентификувано лице кое ги снимало стечајците и пратеничката група.
Владо Бучковски

„Побаравме од него да се легитимира. Тој кажа дека е приватно лице кое е во приватно својство тука. Побаравме асистенција од собраниското обезбедување, влеговме внатре во парламентот и тогаш дојде до немила сцена, каде што дел од вооружени лица кои беа во цивил, напаравија ’шпалир‘ и го извлекоа снимателот, под наводници, и нас не спречија да се движиме низ Собранието“, вели Бучковски.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вели дека лицето кое снимало е полициски службеник. Тој бил нападнат од пратениците и тоа е забележано на видео снимките на собранието, вели таа.

„Полицискиот службеник кој имал за задача, дефанзивно-техничко-електронско обезбедување на објектот на собранието, односно снимање, постпувал по наредбата и при тоа, двајца од пратениците се упатиле кон него и најпрво вербално го нападнале, потоа насилно бил втурнат внатре во собранието и физички бил нападнат.“

Бучковски вели дека на видео-снимките е забележан само дел од инцидентот и дека Министерството сака неправедно да ја обвини опозицијата.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

„Министерството за внатрешни работи, грубо искривувајќи ги фактите, клеветејќи ги пратениците од СДСМ, а прикривајќи дека на снимката има само еден детаљ од инцидентот кој го предизвика неовластеното лице со камера во рака.“

Од кабинетот на претседателот на собранието велат дека тој го сторил она што е во негова ингеренција, а тоа е да свика кооординација и да го повика надлежносто министерство. Од Министерството ја анализираат ситуацијата за случајот и по собирањето на доказите ќе покренат соодветна постапка.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG