Достапни линкови

Дневен печат


Магазини, неделници...
Магазини, неделници...

Митингот на СДСМ и на здружената опозиција во неделата и настапот на лидерот Црвенковски е тема што се уште ги полни страниците на дневниот печат.

Митингот на СДСМ и на здружената опозиција во неделата и настапот на опозицискиот лидер Црвенковски се тема што неколку дена ги полни, особено весниците, со анализи на тоа што изјавил Црвенковски, колку присутни имало и дали биле повеќе или помалку на број од присутните на неодамнешната роденденска прослава на владејачката партија. „Црвенковски почна битка за предвремени избори“ пишува Утрински; Дневник го цитира лидерот на СДСМ дека „Груевски ќе го стигне правда“, Нова Македонија прашува дали Црвенковски славел или протестирал, прашање што овој дневен весник го темели врз мислења на стручњаци кои сметаат Црвенковски организирал прослава како да победил на избори и дека СДСМ ги презел сите елементи од собирот на ВМРО-ДПМНЕ. Вечер, во препознатлив стил прашува каде залутале 500-те автобуси на СДСМ и констатира дека „Бранко се дозакопа со најслабиот митинг во неговата кариера“.

Вечер исто така опширно ги пренесува оценките и коментарите на премиерот за собирот и за настапот на Црвенковски, а во изданието од вторникот во наслов пишува дека „Црвенковски свесно ја блокира и ќе ја блокира европеизацијата на Македонија“


Речиси сите медиуми, со извесни исклучоци, ја објавија острата реакција на јавниот обвинител Шврговски поради елиминирањето на Јавното обвинителство од можноста да ги следи електронските комуникации со новиот закон и привилегираната положба што на МВР му ја дава Законот, објавувајќи го во наслов прашањето на Шврговски: „Кој ќе го следи МВР?“.

Во морето вести, извештаи и анализи од домашната политичка сцена за препукувањата меѓу владејачката и најголемата опозициска партија, некако молчешкум се провлекуваат информациите за се' поголемото слабеење на економската моќ на граѓаните: Нова Македонија, во вторникот, пишува дека „Граѓаните должат стотици милиони евра за неплатени сметки“ и дека Македонија е на списокот на оние држави чии граѓани имаат најбрзо растечки долгови од 62 отсто во последните три години. А1 ТВ и Време објавија дека наголемо најавуваната кинеско-корејска фабрика за ЛЦД екрани што требаше да се гради во слободната индустриска зона Бунарџик најверојатно нема да ја биде, затоа што инвеститорите до 30 јули не ја почнале инвестицијата.

Некои телевизии објавија дека Уставен прогласи за незаконски некои објекти од проектот „Скопје 2014“, а А1 ТВ - дека радикалните исламисти-вахабитите пред некој ден ја завладеале Иса-бег џамијата во Скопје, со што, практично, како што заклучува новинарот, се покажува дека во центарот на Скопје е создадено гнездо на исламскиот фундаментализам, а надлежните молчат.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG