Достапни линкови

logo-print

Сиромаштијата притиска


Сиромаштијата притиска се повеќе македонски граѓани

Сиромаштијата притиска се повеќе македонски граѓани

Податоците говорат дека сме лидери во однос на невработеноста, а македонските граѓани се повеќе ги притиска сиромаштијата. Економските експерти излезот го гледаат единствено во евроатлантските интеграции.

Неможност или отежнато задоволување на основните потреби. Неможност за покривање на трошоците за живот и никаков пристап до луксуз. Официјалните податоци покажуваат дека голем процент од македонското население живее на маргините на сиромаштијата. Граѓаните велат дека се чувствува немаштијата во земјава:

,,Да се чувствува, со тоа што контрастите се се поголеми и поголеми. За среќа овие години мислам дека привидно е лажно дека се смалуваат тие контрасти, ако не остават меѓународниве фактори на мир можеби и ќе биде нешто од нас."

,,Не да се чувствува, туку тежи, притиска. Секој ден поскапувања, а знаете ли што е најевтино кај нас во Македонија и што поевтинува секој ден - трудот, надницата, ние сме најслабо платени работници во Европа, а можеби и во свет."

,,Немам никакви примања, 35 години имам стаж, пензија не ми даваат треба да чекам до 60 години, а до тогаш што да јадам и како да платам сметки. Телевизија, вода не сум платила, телефонот исто така ми го исклучија не сум платила."

Евроинтеграциите спас од сиромаштијата?


Канцеларијата на ЕК во Скопје. За економските експерти евроинтеграциите се спас од сиромаштијата
Но, дали Македонија наликува на сиромашна земја? За обичниот набљудувач, новите автомобили на улиците во главниот град, многуте новоградби и трговски центри не го оставаат впечатокот дека жителите на земјава се погодени од немаштија. Оваа теза е невалидна, вели проф. Др. Ѓорги Тоновски. Следува краток разговор со деканот на Првиот приватен универзитет во Македонија:

,,Она што на прв поглед се пласира, што го привлекува вниманието и што прави да се извлече еден погрешен заклучок обично се зема дека се возат многу нови возила, дека на разговори на мобилени телефони не се штеди итн, сите тие привидни нешта коишто можете да ги сместите некаде во тие побогати потреби на луѓето, се всушност на сметка на она што значи комплетен, комплексен социјален живот и сите сме изненадени како тоа и понатаму се оддржува овој привиден социјален мир, мислам дека прво тоа е во склопот на неколку елементи или на неколку состојби, прво тоа е нашиот менталитет, второ тука е сивата економија којашто обезбедува на некој начин извесно подобрување на стандардот, што незначи и богато живеење, потоа тука е корупцијата."

Од самото осамостојување на Македонија па до денеска, речиси на секои избори, секоја политичка партија, ветува дека ќе се бори против сиромаштијата дека ќе се вработуваат нови кадри итн. Дали вакви ветувања се реални во ерата на капитализмот кога политиката, претпоставувам сега, само создава услови за развој на приватниот сектор што се претвора во најголем работодавач?

,,Морам да ви кажам дека досега ние во овие 20 години присуствуваме во една масовна хпокризија во Република Македонија и на една манифестирана демагогија. За жал ние сеуште неможеме да забележиме во однесувањето на политичарите една константност и напредок во ангажманот во однос на она што ветувале или во однос на остварување на она што е нужно да се направи во овој момент во Македонија."

Каде го гледате изгледот од сето ова?

,,Јас лично сум проевропски многу силно ориентиран и мислам дека доколку сакаме навистина да ја спасиме Македонија во овој момент, да остане онаква каква што ја сакаме и ја замислуваме, да си ги задржиме нашите деца овдека, а не постојано да заминуваат по меридијаните мислам дека вистинскиот излез во евроатлантските структури, што побрзо влегување во НАТО и ЕУ."

Во последно време се јавува и мал скептицизам во однос на овие процеси кои се чини дека е предвизвикан од патриотизмот. Дали на крајот тоа е поволно за жителите на оваа земја?

,,Не, мислам дека таквите гледање и афирмацијата на таквите гледања кои не се масовни се очигледен доказ за манипулација."

Дека кон излезот од сиромаштијата ќе придонесат евроатланските интеграции се согласува и професорот Зоран Ивановски. Тој вели дека влезот во европското семејство, само по себе нема да ја зголеми вработеноста, но појаснува:

,,Што се позитивните ефекти од интеграцијата во евроатлантските структури? Пред се значи промена на погледот за земјата и за нејзината ризичност која се реперкуира преку трошокот на капитал што се позајмува од странство, односно од стапката на принос на инвеститорите кои влегуваат во Македонија. Второто е интеграцијата, значи отварање на пазари што директно ќе влијае на отварање на нови работни места."

Сивата економија и другите ситни бизниси го чуваат социјалниот мир

Ивановски исто така потврдува дека социјалниот мир во земјава до сега бил одржуван од сивата економија.

Некој со запрежно, некој со луксузно возило
,,Јасно покажуваат статистичките податоци, дека државата е лидер, неславен би рекол, во однос на високата стапка на невработеност, толку високата стапка би предизвикала експлозија доколку немате ,,издувен вентил" а тоа е нерегистрано вработување, дали во земјоделството или во други бизниси кои се присутни во државата, а нивна би рекол нивна персонификација имате на секој чекор, на пазарите, или по улиците."

За раст на сивата економија стана збор и на првата седница на Комисијата за финансирање и буџет. За време на дискусијата, претседателот на комисијата Јован Манасиевски посочи дека покрај раст на вработеноста се забележуваат помалку приходи од персонален данок:

,,Државниот завод за статистика, преку единствената релевантна мерка, анкетата на работната сила, тврди дека има раст на вработеноста. Како е можно во услови кога имаме раст на вработеноста, да имаме опаѓање на персоналниот данок за близу 4%? Тоа говори само едно, дека ако навистина има раст на вработеноста, а пад на приходите од персоналниот данок дека се повеќе работодавци не ги пријавуваат своите вработени."

Согласно официјалните податоци од истражувањето на Обединетите нации за состојбите во Македонија, Повеќе од една четвртина од домаќинствата имаат проблем со плаќање на струјата, дури 23 проценти имаат проблем да обезбедат храна. 38 проценти се соочуваат со проблеми за затоплување на својот дом, а одморот е луксуз. Истражувањето покажало дека 60 проценти од испитаниците изјавиле дека имаат проблеми да врзат крај со крај, 43 проценти сметаат дека нивната финансиска позиција е под просечната. Повеќе се жалат етничките Македонци отколку Албанците. Во најлоша позиција се Ромите.
Кон ова и фактот што според податоците на публикацијата „Вол Стрит Џурнал“ Македонија се наоѓа на неславното прво место во светот по стапката на невработеност. Близу 38 проценти од околу 2 милиони жители во земјава се невработени. Македонија „води“ пред Ерменија, која е на второ место и Алжир на третото место.

Недоволно странски инвестиции


Владата го промовира привлекувањето на странски инвеститори во Македонија како едно од излезните решенија за сиромаштијата и невработеноста. Во странските медиуми се емитуваат реклами со слоганот „Инвестирајте во Македонија“, платени со народни пари. Во кампањата не е испуштен ни податокот за просечната месечна плата во земјава, која е неколку пати пониска од европската. Во јавноста неколку пати до сега се јавија критики дека власта со промоција на ефтина работна сила сака да привлече странски инвеститори. Според професорот Ивановски, ваквата постапка не е оправдана.

Во економската зона ,,Бунарџик" работат само две фабрики
,,Тоа се нуди како компаративна предност на земјата, дека има квалификувана и способна работна сила, која може да работи за релативно ниски пари, споредено со земјите од каде што доаѓаат инвеститорите. Дали тоа е добро, мислам дека нема потреба да дискутираме затоа што сепак станува збор за загуба на богатството, без разлика што станува збор за реални инвестиции, сепак е тоа загуба."

Сепак и покрај промоцијата на земјава, во изминативе неколку години се активираа само двајца инвеститори. Третиот инвеститор кој најави изградба на фабрика во Бунарџик, го пречекори рокот за отпочнување на изградбата на фабриката.

Реална или декларативна борба против сиромаштијата?

Во видно отсуство на странски инвеститори и со сите компликации околу евроатланските интеграции, се поставува прашањето што ќе прават македонските власти за намалување на сиромаштијата додека земјава влезе во Европската унија и НАТО?
Од министерството за труд и социјална политика велат дека се работи на имплементирањето на стратегија за борба против сиромаштијата. Заменик-министерот за труд и социјална работа Спиро Ристовски ги објаснува основите на стратегијата:

,,Според овој документ се спроведуваат активности во повеќе области, при што најприоритетно ќе ги издвоиме образованието, здравството, социјалната заштита, домувањето на тие деца и воопшто сиромашни лица и со тоа практично се заокружува целокупниот процес на нивна комплетно вклучување во општествените текови."

Ристовски додава дека не може да се очекуваат инстантни резултати:

,,Ние сме свесни дека тоа е долготраен процес и дека тој процес ќе треба да се имплемнтираат во фази и годините што доаѓаат, но сепак подготвеноста што ја имаме како држава недвосмилено ја покажуваме преку оваа стратегија, но сепак најголемиот предизвик следува сега, а тоа е имплементација на истата."

Од опозицијата, пак, посочуваат дека борбата на власта против сиромаштијата е декларативна. Пратеничката на Либерално-Демократската партија Роза Топузовкса Каревска вели дека со самото тоа што Македонија е на прво место по невработеноста, може да се констатира дека нема борба против сиромаштијата:

,,Според мене не е доволно само да се усвои Стратегија за борба со сиромаштијата, многу поважно е да навистина се преземат мерки што ќе одат во насока на сузбивање на сиромаштијата, а секако дека таа е меѓудругото поврзана и со невработеноста. Ако сме први во светот по стапката не невработеност, тогаш за каква борба со сиромаштијата од оваа Влада може да говориме. Значи нема реална борба и реално преземени мерки од владата за борба против сиромаштијата."

Каревска додава дека намалувањето на сиромаштијата е еден од предусловите за влез во Унијата:

,,Токму поради тоа сметам дека е и еден од условите за влегување во ЕУ и решавање на одредени проблеми и спроведување на одредени критериуми. Во ЕУ важат правила, во не е доволно да се донесат закони или стратегии туку напротив тие треба да се спроведуваат и да даваат конкретни мерки, секако дека влезот на Македонија во ЕУ ќе реши многу прашања, како од невработеноста, така и со ефикасна борба со сиромаштијата, а не само борба со сиромаштијата на хартија."

Инаку и Европската унија ја прогласи 2010 -та за година за борба против сиромаштијата. За кампањата против овој неповолен општествен феномен, Унијата издвои 17 милиони евра.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG