Достапни линкови

logo-print

САД финансираат бунтовници во Авганистан


Во најновиот извештај на Конгресот се наведува дека американската влада ненамерно, но сепак финансира голема тајна рекетарска мрежа авганистански команданти. Тие се ангажирани во заштитата на линиите за снабдување на американските и НАТО војниците во таа земја.

Извештајот, соодветно наречен „Ворлорд инкорпорејшн“ е резултат од шестмесечна истрага спроведена од Поткомитетот за национална безбедност и надворешни работи.

Фокусиран е врз системот на Пентагон за финасирање приватни компании во Авганистан на кои им е оставено да се грижат за безбедноста на конвоите за снабдување.

Претседателот на Авганистан Хамид Карзаи и американскиот генерал Стенли Мекристал


На расправата за извештајот, претседателот на комисијата Џон Тиерни, демократ од Масачусец, соопшти дека систематскиот неуспех на Министерството за одбрана да ги контролира заштитниците на снабдувањето предизвикува вистинска катастрофа.

„Критично, и покрај законите и прописите со кои се предвидува строг надзор на снабдувањето во конфликтните области, оваа одговорност, Министерството им ја префрли на лица кои се појавуваат на сцената во форма на ад хок приватни безбедносни компании.“

Парите со кои се платени доаѓаат од договорот со американската влада вреден околу 2 милијарди и двесте милиони долари, се наведува во извештајот, во кој се додава дека станува збор за воени команданти и милитантни лидери кои се натпреваруваат со авганистанската власт за моќ и авторитет.

Со овој договор се поттикнуваат воените команданти, изнудувањето и корупцијата, а можеби дури и се финасира и непријателот. Со доларите од американскиот даночен обврзник се поттикнува рекетот во Авганистан на кој може да биде горд и Тони Сопрано.

Според истрагата, конвоите кои одбиле да ја платат мафијашката заштита биле цел на напади. Тиерни смета дека ова може да ги поткопа американските стратегиски напори во Авганистан.

„Со овој договор се поттикнуваат воените команданти, изнудувањето и корупцијата, а можеби дури и се финасира и непријателот. Со доларите од американскиот даночен обврзник се поттикнува рекетот во Авганистан на кој може да биде горд и Тони Сопрано.“

Во извештајот се цитираат многубројни документи и пораки за обиди на талибанците за изнудување во замена за безбедно минување на некој конвој за снабдување.

Постојат и наводи дека приватно обезбедување побарало 15 илјади долари за минување на само еден камион на НАТО.

Американски војник во Авганистан

Сепак, САД и нивните сојузници кои имаат стационирано свои војници на 200 одделни локации во Авганистан немаат друг избор освен да се потпрат врз приватните контрактори за поддршка на воените и цивилните операции.

Во моментов во Авганистан се одвива двегодишен план на транзиција на одговороноста за безбедноста врз авганистанската армија. Но, токму тие две години, според конгресменот Питер Велч, демократ од Вермонт, би можело да предизвикаат сериозен проблем.

„Она што го правиме во овој двегодишен период и со договор од 2 милијарди, е создавање на посебна армија. Од една страна, сакаме Авганистан да биде под контрола на владата, додека во исто време, ние, со обезбедување огромни финансиски средства, поттикнуваме приватна војска, која нема лесно да се откаже од својата моќ.“

Како и да е, во расправата, само уште еднаш беше повторено дека актуелниот договор, и покрај сите недостатоци, барем засега е неопходност во меѓународните напори за извлекување на Авганистан од канџите на бунтовниците.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG