Достапни линкови

Били Ајдол во Скопје


Били Ајдол

Били Ајдол

По легендарниот Боб Дилан, промотерската куќа Авалон продукција, со концерт на уште едно големо име од светскиот рокенрол во Македонија – Били Ајдол. Тој ќе настапи во недела, од 22 часот, на сцената на Скопско кале.

Скопје и воопшто Македонија, полека но сигурно, стануваат една од редовните дестинации за концертни настапи на светските музички ѕвезди. Не многу по незаборавниот настап на големиот Боб Дилан, промотерите Авалон продукција, овојпат на Скопско кале го носат Били Ајдол, една од култните фигури на светскиот панк-рок кој своето опстојување во шоу бизнисот не го потпира на славното минато и музичарот кој знае многу повеќе да ја разбранува публиката со своите перформанси на сцена отколку со дискографските изданија.

Вилијам Мајкл Алберт Броуд, роден на 30 ноември 1955 година во Мидлсекс, Англија, заедно со ДЈУРАН ДЈУРАН, во раните 1980-ти, е единствениот кој успеа со музиката и особено осмислената видео пројавност во која се наметна со сопствениот став како убаво лошо момче кое рафално потпишува танцувачки битови да ја искористи моќта на тогаш штотуку формираната американска музичка телевизија МТВ и да стекне планетарна популарност.

Кариерата ја почнува како гитарист во составот БРОМЛИ КОНТИГЕНТ во кој била и Сиукси Сиукс и кој бил следбеник на тогаш разузданите панкери СЕКС ПИСТОЛС, за да потем го смени името во Били Ајдол и во групата ЧЕЛЗИ го батали инструментот и застане зад микрофонот. Неговиот прв посериозен бенд ГЕНЕРЕЈШН ИКС е формиран во 1976 година и пред брзо и бурно да згасне, за дискографската куќа Крајсалис, објавува три многуфалени плочи – деби изданието со името на групата, Вели оф д долс во 1979 и Кисми дедли две години подоцна.

Разочаран од таквиот след на настаните, тој се сели во Њујорк и започнува кариера на соло артист зад кого застанува менаџерот на еден од најголемите американски бендови КИС – Бил Акоин. Со гитарист како Стив Стивенс зад себе, Ајдол во 1981 година го објавува синглот Донт стоп, а година дена подоцна излегува и деби албумот од кој како синглови и видео клипови се изврлени хитовите Вајт вединг и Денсинг вит мајселф, за да комерцијалниот пробив го заокружи со албумот Ребел јел од 1984 година, неговата најпродавана објава во кариерата.

Следува период во кој во неговиот бенд и покрај успехот со песни како Ајс видаут фејс и Флеш фор фантази ќе се измешаат лончињата, та Стивенс незадоволен си заминува, но Ајдол и покрај тоа успева да се одржи на сцената како еден од најуспешните светски рок музичари. Успехот е зацементиран со песни како Ту би а лавер и Свит сикстин и особено со неговото невклучено шоу за веќе семоќната Музичка телевизија. Сепак, кариерата му беше разнишана по неговиот сериозен пад од мотоциклот во 1990-та по кој Ајдол стана зериозен зависник од дрогите за да конечно во 1994 биде сместен во Центар за рехабилитација во Лос Анџелес. По цели четири години ќе се врати со камео улога покрај Адам Сендлер и Дру Баримур во филмот Вединг сингер, за да потем ги закопаат воените секири со Стивенс снимајќи успешно шоу за телевизијата Ви-ејџ-уан од кое ќе произлезе и албум кој ќе биде продаден во тираж што им гарантира генерации нова публика на нивните концерти на светската сцена.

Во такво едно разсвирено издание Били Ајдол и бендот, по концертите на загребскиот Ин-мјузик и на белградскиот фестивал Ушќе, го чекаме и на Скопско кале каде атмосферата ќе ја загреваат хрватите ПСИХОМОДО ПОП.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG