Достапни линкови

logo-print

Одгледувач на украсни птици


Прилепчанецот Мицески одгледувач на декоративни птици

Прилепчанецот Мицески одгледувач на декоративни птици

Дваесет и седум годишниот Александар Мицески од Прилеп е пасиониран љубител на украсна живина. Во својата мини фарма одгледува околу 50 парови украсни кокошки, петли, гулаби, фазани и пауни, кои фасцинираат со својата раскошна и егзотична убавина.

Мицески, по професија е дрвен техничар, но досега не е вработен, па голем дел од денот го посветува на одгледување и нега на украсната живина. Во ова необично хоби вложил околу 3000 евра, не сметајќи ги дневните трошоци за храна за птиците, како и времето и трудот за да се одржи оваа мини фарма.
Првата украсна кокошка што ја одгледував беше ’холандската белочуваста‘,овде ја набавив од еден најстар одгледувач. Цените на украсните птици претежно се движат од 10 евра па нагоре.


Повеќе раси декоративни птици живеат на фармата на Мицески

„Првата украсна кокошка што ја одгледував беше ’холандската белочуваста‘, овде ја набавив од еден најстар одгледувач. Цените на украсните птици претежно се движат од 10 евра па нагоре. Имаме некој примероци добри, со добар квалитет што се донесени од Србија, инаку се е од овде, од Македонија, со размена, со јајца со пилиња за да дојдеме до убав квалитет“, вели Мицески.

Овој пасиониран вљубеник во украсните птици планира и се надева дека, доколку државата покаже интерес за субвенционирање на подмладокот на украсните птици може да развие вносен бизнис, кој ќе ја гарантира егзистенцијата на неговото семејство.

„За да бидеш успешен со ова хоби, треба најмалку да се ориентираш на една работа. Или само да одлегуваш фазани или само кокошки, ама да ги има во помал број на сорти, ако се определиме како јас сега што имам овде 12 сорти на кокошки, помало е излагањето на пилињата, помалку се размножуваат, ако се определиме на една сорта тоа ќе има успех. Е, тогаш ќе можеме да речеме дека може да дојде до некој бизнис.“
Ни една украсна птица во мојот двор, па и во Македонија, не потекнува од кај нас, од нашава земја, и тоа малку боли кај нас одгледувачите, не сме спремни, нашата држава не е спремна
за тоа.

А, љубовта кон птиците вели Мицески ја наследил од своето семејството.

„Традиција на нашата фамилија е гулабарството. Прв почнал со гулаби да се занимава дедо ми, па татко ми, па после ја наследив јас љубовта кон гулабите. Ни една украсна птица во мојот двор, па и во Македонија, не потекнува од кај нас, од нашава земја, и тоа малку боли кај нас одгледувачите, не сме спремни, нашата држава не е спремна за тоа. Во мојот двор има крупна и патуљаста сорта, има и средна сорта.“

Бидејќи потекнуваат од разни краишта на светот, а практично ниту една не е ендемска птица од Македонија тие тешко се адаптираат на нашето поднебје. Затоа, три пати во годината, задолжително се вакцинираат, зашто тој што ги чува, вели Мицески, има обврска и да се грижи за нивното здравје.

Тој додава дека последниве години расте интересот на странците за украсна живина. Побогатите луѓе скоро од сите соседни држави доаѓаат и се подготвени да платат и големи суми за да купат еден пар живина која ќе го краси нивниот двор. Цената за раскошните, егзотични фазани и пауни може да достигне и до 500 евра. Секоја птица има алка и документ за нејзиното потекло, место на движење и за генералиите на сопственикот од кој што е купена или каде што е изведена. Инаку, во Прилеп е регистрирано првото и единствено друштво на одгледувачи на украсни птици во Македонија „Тргопан“, кое функционира три години со околу 20 членови. Досега, ова друштво има реализирано 3 самостојни изложби.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG