Достапни линкови

Кај граѓаните постои страв да го изразат своето мислење и да ги критикуваат партиите на власта. „Решетките“ за неистомислениците од времето на комунизмот се заменети со закани и уцени. Граѓаните сметаат дека најтешко поминуваат партиски неопределените.

Демократијата е власт на народот, од народот и за народот, рекол поранешниот американски претседател Абрахам Линколн. Но, денес, во едно демократското општество, иако слободата на говор е загарантирана со уставот се уште постои страв кај граѓаните јавно да го изразат своето мислење и да ги критикуваат партиите на власт и да не се согласуват со институциите. Во времето на комунизмот неистомислениците беа осудувани на затвор. Разликата од тогаш до сега е што е променет методот на заплашување, па наместо решетки властите употребуваат закани и уцени, кои би резултирале со губење на работното место.

Прекината хонорарна соработка поради критика за Груевски

Оние македонски граѓани кои што не се сложуваат со идеологијата на властите ја плаќаат казната. Новинарот Борјан Јовановски политичките притисоци ги почуствувал на своја кожа кога во еден магазин во кој бил хонорарен соработник напишал тект во кој го критикувал премиерот Никола Груевски.

„Мојот ангажман беше прекинат со многу банален изговор од страна на сопственикот на тој магазин кој сметаше дека мојата анализа на говорот на премиерот по повод прославата на Денот на независноста 8-ми септември, дека не соодветсвува со уредувачката политика, иако мојот коментар, се разбира претходно беше редактиран од страна на главниот уредник на тој магазин.“

Назадување без партиска книшка

Поранешна вработена во едно од министерствата, бидејќи немала партиска книшка и не била приврзаник на партијата на власт, со секое ново раководство добивала понезначајна и помалку платена функција од таа што ја извршувала за на крајот тоа да биде една од причините таа да даде отказ.

„Како партиски неопределена долги години во државата администрација, секое менување на власта, пристапот беше претходно ’чекирање’, кој е во партија, кој не, значи преиспитување на работното место и се случуваше прераспределба нагоре-надолу. Мислам дека најтешко поминуваат партиски неопределените, оние што се партиски определени барем за четири години нели по вертикала ќе стигнат малку погоре.“

Со закани против протести

Припадниците на организацијата Плоштад Слобода, поради закани и страв од насилство мораа да го откажат протестот против проектот
Скопје 2014, кој го иницираше владата. Ова не е прв пат да се соочуваме со вакви проблеми вели Ирена Цветковиќ.

„Значи во име на тоа да ги спасиме, бидејќи сме одговорни за луѓето коишто ги викаме на нашиот протест, да ги спасиме од евентуално насилство што имаше големи шанси да се случи. Со говор на омраза беше буквално осуетен нашиот протест, беа осуетени нашите најискрени намери и дури имаше отворени повици за насилство и добивме закани на интернет.“

И не само за протести, властите постојано вршат притисоци врз оние невладините организации, кои се противат на нивните проекти, вели Цветковиќ.

„Долго време имавме еден апсолутно пасивен невладин сектор. Она што се случи последните години не е будење на невладиниот сектор, но е давање искри на живот, значи некое минимално помрднување од таа клиничка смрт и тоа веројатно многу ги уплаши политичките партии, затоа што невладиниот сектор во принцип е силен во сите држави. Тој знае да менува влади, знае да дисциплинира власт итн.“

Две третини од граѓаните се плашат да ја критикуваат власта

Според анкетата на Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка АГТИС, две третини од граѓаните стравуваат да ја критикуваат власта, бидејќи мислат дека тоа ќе има последици по нивното работно место, па дури очекуваат и да бидат приведени. Одговорите на испитаниците покажуваа дека околу 49 отсто од нив сметаат дека ќе имаат законски поледици ако го критикуваат премиерот, 48 отсто ако критикуваат некоја политичка партија, а 45 отсто доколку кажат лош збор за претседателот и уставниот суд. Причините за стравот претседателот на АГТИС, Александар Цветковски ги лоцира во комунистичкото минато, кога ретко се презентираше мислење спротивно на власта.

„Обично луѓето јавно не го кажуваат она што го мислат, сето тоа мислам дека води последица од 1990 година кога слободното мислење не беше баш многу на цена. Факт е дека стравот на граѓаните да говорат остана како еден камен на сопнување. Тој опортунизам, тој страв што се манифестира многу често.“

Кај нас веќе долго време владее мислење дека поради големото влијание на партиите што се на власт и механизмите кои се пронаѓаат за да се вршат притисоци подобро е да се молчи и да не се покажува незадоволство во јавноста, вели социологот Антонела Петковска.

„Очигледно е дека луѓето мислат дека е подобро да бидат резигнирани и повлечени отколку да покажат отворено незадоволство од некакви системски решенија и да покажат дека не се задоволни од начинот на кој што работи власта. Мислам дека оваа ситуација ескалира се повеќе и повеќе иако не е ексклузивна за овој период во кој што живееме.“

Стравот кај граѓаните – системски проблем


Стравот кај граѓаните почнува да станува системски проблем, тоа е начин на нивно опстојување, кој прозилегува од елементарна несигурност за нивната егзистенција, вели Мирјана Најчевска од Центарот за човекови права и разрешување конфликти.

„Овој вид на несигурност создава кај луѓето, постојана, континуирана ситуација на уплашеност, уплашеност од сегашноста меѓутоа уплашеност за иднината, бесперспективност која што дефинитивно го уништува демократскиот процес во нашата земја.“

Гласот на граѓаните не може да се слушне, бидејќи тие мислат дека ќе го загубат работното место, вели Цветковски.

„Од една страна можете да кажете дека уставно е заштитено правото на гласност, но од друга страна гледаме дека тоа право девалвира меѓу народот заради многуте злоупотреби што се случуваат на пример од политичките партии. Народот знае дека навистина може да има одреден вид на последици, мисли дека ако нешто каже може да се одрази негативно на кариерата.“

Ниту една партија не направи систем на владеење на правото


Ова е подолгорочен процес под закрилие на повеќе политички партии, ниту една од нив која дојде на власт немаше доблест да направи цврст систем на владеење на правото, систем на правила, процедури, критериуми кои ќе ја ограничат моќта и своеволието на власта, вели Најчевска.

,,Ниту една власт не направи систем на владеење на правото" – Иванов, Црвенковски, Груевски и Глигоров

„Секоја политичка структура во моментот кога ќе дојде на власт се обидува да го оствари апсолутно, неограничено своето политичко влијание и автоматски создадовме ситуација во којашто едноставно не можат да функционираат демократсиките механизми, затоа што не се применуваат законите и нема контрола на таа непримена.“

И според Петковска, стравот на луѓето не е ирационален, бидејќи законите целосно не се спроведуваат.

„Со оглед на тоа што се покажува дека во одредени ситуации, граѓаните навистина не се заштитени со законот или од законот на начин којшто тие тоа би го посакувале.“

Улогата на партиите е да ја освојат власта и тие имаа програми кои треба да ги остваруваат, невладините организации треба да внимаваат, дали законите ги штитат правата на граѓаните, вели Цветковски.

„Невладините организации имаат свои програми за развивање на гласност, за развивање на едно флуентно граѓанско општество кое ќе може да биде коректив, да застапува, во фаза на донесување на сите можни закони, па да гледаат дали тоа се закони потребни за општеството или потребите на политичарите, заради зајакнуавње на нивнаа моќ?“

Мора да се постави граница на политичкиот начин на делување, на политичкиот дијалог и преговарање и она што правно ќе го регулираме да го почитуваме, за тоа да функционира потребни се независни тела, вели Најчевска.

„Доколку нема многу моќни независни, надвор од влијанието на владата, контролни тела, кооишто ќе можат и да истражуваат и да изнесуваат одредени случаи и на овој или оној начин да учествуваат во санкционирањето за да можат да се постават цврстите рамки на политичкото самоволие.“

Решението е во донесувањето на закони кои граѓаните ќе бидат сигурни дека ќе ги штитат нивните интереси, вели Петковска.

„Треба да постои еден позитивен пристап кон спроведувањето на законите, кон донесувањето на законите, во смисла на усложнувањето на потребите на општеството, статусот на граѓаните, нивните потреби, нивните проекции за тоа на каков начин би биле мотивирани навистина да живеат во држава во којашто законите имаат некакво значење и навистина ги штитат.“

Во последниот извештај на организацијата за човекови права „Амнести интернешенал“ се вели дека правдата во светот се уште не е остварлива, бидејќи многу влади се ставаат над законот и политичките интереси им се побитни отколку заштитата на човековите права. Во него властите во Македонија се критикуваат што не успеале да ги заштитат студентите при протестите за проектот „Скопје 2014“ и што законот за анти-дискриминација не ги задоволува меѓународните и европски стандарди. И во извештајот на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за почитување на човековите права беше забележан недостатокот на соодветна заштита на протестот против владините планови за изградба на верски објект на градскиот плоштад Македонија.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG