Достапни линкови

Боб Дилан, рокенрол поетот, докажаниот хуманитарец и борец за човекови права, единствениот музичар добитник на Пулицеровата награда, на 4 јуни ќе одржи концерт во скопската Метрополис арена. Неговото доаѓање во Македонија е проследено со Специјална повелба од фестивалот Струшки вечери на поезијата за легендарниот американски уметник.

Она што беше неостварлив сон за генерациите кои својата бунтовна младост ја поминаа со неговата музика и поетика, станува реалност. Рокенрол иконата Боб Дилан доаѓа во Скопје. Во малата Македонија. Во земјата во која веруваме дека се уште се светост зборовите на апостолот Делчев дека Светот го разбира како поле за културен натпревар и во која музиката била силно орудие во борбата за опстојба на нацијата низ времето.

Иако пред само десеттина дена, на 24 мај наполни 69 години, Боб Дилан е без престан на турнеја повеќе од две децении и просечно свири по 100 концерти годишно, што претставува апсолутен преседан во музичката индустрија и кога се во прашање далеку помлади од него. Судејќи по она што на социјалните мрежи го пишуваат неговите фанови после неговите неодамнешни концерти по Јапонија, тој и натаму делува расположено, неоптоварено и навистина витално.
Боб Дилан во млади години

Познато е дека Дилан на своите концерти често ги менува сет листите, но во поново време, како единствено сигурни му се класиците Like A Rolling Stone и All Along the Watchtower, потем и култните песни Blowing in the Wind, Ballad of a Thin Man, Highway 61 Revisited, разбирливо посега и по темите од двете свои последни албумски остварувања, што претпоставува дека и во Скопје ќе бидеме во можност да го проследиме пресекот од неговите најзначајни песни во кариерата.

Притоа интересно е и тоа што тој во во 2006 година го заокружи својот бенд со ѕверки како гитаристите Сту Кимбал и Чарли Секстон, басистот Тони Гарније, тапанарот Џорџ Ресели и мултиинструменатлистот Дон Херон, за кои забележува дека тоа е најдобриот состав со кој било кога настапувал, музичари кои можат буквално се да отсвират и да ги изненадат сите, па и него самиот, што подразбира дека треба да очекуваме скоро двочасовен перформанс кој му прилега само нему.

Боб Дилан зад себе има 34 студиски албуми, 54 синглови, 13 концертни и 14 компилациски објави, што го прави дефинитивно еден од највлијателните светски музичари без кого историјата на популарната музика би била сосема поинаква.
Во новиот милениум тој влезе со две дискографски остварувања Modern Times и Together Through Life кои го вратија на самиот врв на светските топ листи, а лани ја објави и колекцијата на божиќни песни Christmas in the Heart од која приходот оди за Светската програма за храна при Обединетите Нации.
Кавер од албумот Christmas In The Heart на Боб Дилан

Инаку, бројни се признанијата во полувековната кариера на великанот, а меѓу нив најзначајни се Оскар и Пулицеровата награда, која освен Дилан ја нема добиено ниту еден музичар. Во 1991 година тој ја доби наградата Греми, по што следуваа уште седум исти такви статуетки. Неодамна, американскиот претседател го одликуваше со Национален медал за уметност и хуманост нарекувајќи го икона на бунтовната младина, престижниот магазин Ролингстоун го прогласи за Најголем соло уметник на сите времиња, во 1988 тој беше вклучен во Рокенрол халата на славните, а на долгиот список ќе се најде и нашата Специјална повелба од фестивалот Струшки вечери на поезијата.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG