Достапни линкови

Заштита на животната средина


Фабрички оџаци ја загадуваат животната средина
Фабрички оџаци ја загадуваат животната средина

Претставници на централни и локални власти, координатори на програмата, наставници, ученици и други учесници од 23 земји од Европа и Евроазија во Охрид расправаат за заштитата на животната средина преку едукација на младите генерации. Станува збор за програмата ГЛОУБ како мрежа за образование на учениците од повеќе земји во светот.

Меѓународната програма ГЛОУБ функционира како мрежа за образование на учениците од повеќе земји во светот, меѓу кои и Македонија, за подигнување на јавната еколошка свест, со што во време на брзи технолошки и климатски промени, им нуди реална слика на научниците за состојбите, за предвидување на можните текови и преземање на неоходните мерки за опстанок на нашата планета.

„Таа ги комбинира науката, образованието и технологијата на меѓународно ниво, со учество на околу 23 илјади училишта од повеќе од 111 земји во светот. Како таква, од самиот почеток во 1998 година, на наша радост и задоволство, таа наиде на голем интерес и прифаќање кај
Таа ги комбинира науката, образованието и технологијата на меѓународно ниво, со учество на околу 23 илјади училишта од над 111 земји во светот.
наставниот кадар и кај учениците ширум училиштата во Македонија и во изминативе години бележи континуиран подем и остварува успеси достојни за почит“, вели Неџати Јакупи, министер за животна средина во Македонија.

Министерството за животна средина, заедно со министерството за образование и наука го реализира проектот ГЛОУБ низ повеќе предмети и активности во одредени училишта кај нас. Под познатото мото или златен стандард: „мисли глобално, делувај локално“, меѓународната мрежа ГЛОУБ е основана пред 15 години на иницијатива на САД.
Жена што собира пластични шишиња

„САД ќе им се придружи на глобалните напори за мобилизација на 100 милијарди долари до 2020 година за борба против климатските промени и за трансфер на чиста технологија која помага да се редуцира испуштањето на гасови во развиениот свет. Инаку, покрај ГЛОУБ, САД имаат и други проекти во Македонија. Како резултат на нашиот проект за рециклирање на пластика, инициран во 2005 гдоина, количината на пластични шишиња кои се рециклираат порасна значително, а со тоа се прочистија јавните простори како парковите и реките. Ние се гордееме со ефектите што оваа индустрија ги има врз животната средина и економијата во Македонија. Инвестиравме 1,3 милиони долари во поддршката за рециклирање на пластични шишиња во Македонија. Нашите проценки велат дека 5.000 лица заработуваат приход за живот преку собирање пластични шишиња и преку учество во активностите за рециклирање“, вели амбасадорот на САД во Македонија Филип Рикер.

И покрај декларативните заложби и програми како ГЛОУБ, останува отворено прашањето колку во време на интензивна урбанизација и уништување на животната средина, таа истовремено може да се заштити, и колку во борбата со бизнис интересот и моќта на парите, човештвото ќе успее да ја зачува и спаси планетата земја од еколошка катастрофа како единствен дом на идните генерации.
XS
SM
MD
LG