Достапни линкови

logo-print

Блискиот исток пред нови тензии


Стратегиски односи? Какви стратегиски односи!? Мислам дека веќе не можеме да го користиме тој збор. Ова го изјави еден турски официјален претставник опишувајќи ги дипломатските последици од вчерашната смртоносна акција на израелските командоси на турскиот брод со хуманитарна помош, наменета за палестинците во Газа.

Односите меѓу Анкара и Тел Авив во изминативе 18 месеци се во надолна линија. Постојаните израелски воени напади врз Газа во кои досега загинаа околу 1300 Палестинци предизвикуваат гневни реакции во Турција.

Сепак, работите, барем јавно, и покрај тензиите, се одвиваа според очекуваниот тек. Шансите така и да биде натаму овој пат се многу многу мали. Тивката дипломатија во стилот „да спасиме колку што можеме“, сега полека станува се помрачна.

„Односите, во секој случај, не беа многу розови. Инцидентот уште повеќе ќе ги уназади“, велат во Анкара која побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации во кој сега членува и Турција и го повлече својот амбасадор од Израел.
Ова е еднакво на бандитство и пиратство. Тоа е убиство направено од држава. Тоа нема изговор, нема оправдување. Држава која го следи овој пат ја губи својата легитимност како почитувана членка на меѓународната
заедница.


Одлуката од страна на турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу да го откаже планираниот состанок во Вашингтон со американскиот државен секретар Хилари Клинтон и наместо тоа да лета за Њујорк е уште една потврда дека тензиите добија меѓународни пропорции.
Од вчерашните анти-израелски протести пред израелскиот конзулат во Истанбул

„Ова е еднакво на бандитство и пиратство. Тоа е убиство направено од држава. Тоа нема изговор, нема оправдување. Држава која го следи овој пат ја губи својата легитимност како почитувана членка на меѓународната заедница“, изјави Давутоглу во Советот за безбедност, кој по десетчасовна расправа зад затворена врата побара непристрасна и транспарентна истрага и ослободување на сите цивили.

Резолуцијата е во многу поблага форма од онаа што ја побараа Турција и арапскиот свет, а со која се бараше независна меѓународна истрага за нападот и отстранување на израелската блокада врз Газа.

Менсур Акгун, аналитичар од Истанбул, вели дека последниот инцидент би можело да има долготрајни ефекти врз турската надворешна политика.

„Тоа е многу позначајно. Тоа ќе има долготрајни последици врз билатералните односи и, во зависност од реакциите на Европската унија и Соединетите Држави, ќе ја смени турската надворешна политика барем за догледно време.“

Инцидентот со хуманитарната флотила во кој загинаа десетина луѓе уште еднаш потврди дека од поодамна турско-израелските односи претставуваат дијалог на глуви.

Турската владејачка Партија на правдата и развојот, со месеци изразува загриженост за влошената хуманитарната ситуација во Газа и го обвинува светот дека не му посветува поголемо внимание на проблемот.

Менсур Агкун смета дека смртта на турските државјани ќе игра клучна улога во натамошниот развој на настаните на Блискиот Исток, но и во Турција. Тоа особено ако се има предвид фактот дека на Турција во следната година и претстојат општи избори, па големо ќе биде искушението да не се искористи непријателството спрема Израел во предизборната кампања.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG