Достапни линкови

Почнува ОФ ФЕСТ


Составот Баклава

Составот Баклава

Со настапите на македонскиот состав БАКЛАВА и турската пејачка Ајнур, на први јуни во Салонот на Македонската опера и балет, започнува деветото издание на ОФ-ФЕСТ. До сабота, петти јули, љубителите на светската музика ќе имаат можност да ги проследат и настапите на АНСАМБЛ ТИРАНА, Гркинката Савина Јанату, Герардо Њуњез и Кармен Кортес од Шпанија, Португалецот Родриго Леао и КИНЕМА АНСАМБЛ со Македонската филхармонија и ГАНГЕ БРАС БЕНД од Бенин, Африка.

Почетокот на деветото издание на ОФ-ФЕСТ, фестивалот на една поинаква музика или ако милувате светска музика, ќе им припадне на домашниот состав БАКЛАВА и на турската пејачка од курдско потекло Ајнур. На пејачката Елена Христова, Владимир Мартиновски и Ѓорѓи Клинчаров на тамбури и Дејан Сибиновски на деф, како на музичари кои од 2005 година ја слават едноставноста и својот концепт во истражувањето и творењето го темелат на познавањето на традицијата, ова ќе им биде прва настап на ОФ-ФЕСТ. Со два албума зад себе, оној со името на составот и Калемар од 2008, со искуство собрано на сцените во Белгија, Франција, Германија, Италија, Турција и во земјите од регинов, БАКЛАВА ќе треба да ја продолжат серијата на одлични настапи на македонските претставници на ова случување зачната од ЉУБОЈНА и ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ. Ајнур Доган домашната публика ја познава од филмот на Фатих Акин - Минувајќи го мостот: Звукот на Истанбул. Позната по своите карактеристични импровизации изведувајќи турски и курдски фолк песни, таа е без сомнение една од најзначајните уметници што Турција и ги дала на светската етно сцена. Во Скопје, Ајнур ќе го промовира и материјалот од својот последен албум Rewend објавен во април годинава.

Втората вечер на ОФ-ФЕСТ ќе помине во знакот на музиката на нашите соседи. Најнапред меѓународно извонредно познатиот АНСАМБЛ ТИРАНА со својот полифонски вокален уметнички израз ќе ни ја пренесе магијата на албанската традиционална музика, за потем да го проследиме и настапот на Савина Јанату и нејзиниот состав ПРИМАВЕРА ЕН САЛОНИКО од Грција, што ќе биде прв концерт на некој грчки уметник во Македонија по подолго време . Инаку, Јанату на својот репертоар има избрани композиции не само од родната земја туку и воопшто од Медитеранот, при што обрнува големо внимание на изведбата на секој различен јазик.
Герардо Нуњез

Гитаристот и композитор Герардо Нуњез и танчерката Кармен Кортез во Скопје доаѓаат со својот проект Реунион Фламенка. Се работи за музичар кој со неверојатна леснотија и брзина свири длабоко емотивно, но и уметник кој знае да се впушти и во џез , латино и други жанровски авантури, а неговата придружничка на концертните настапи според познавачите е една од најдобрите во својот домен.
Универзална сала која што сепак е една институција од јавен интерес се повеќе се концентира на нешто програмско што условно може да се нарече турбо фолк.


За последната вечер од фестивалот најнапред е планиран извонредно амбициозен проект – настап на Португалецот Родриго Леао и неговиот КИНЕМА АНСАМБЛ со Македонската филхармонија со која ќе диригира Борјан Цанев, а потоа и концертот на ГАНГЕ БРАС БЕНД од Бенин.Леао од 1980-те години зад себе има исклучително богата кариера во рамките на која тој со Педро Аљес Магаљеас бил еден од оснивачите на славните МАДРЕДЕУШ и креатор на нивниот интернационален успех, важи за омилениот композитор на славниот шпански режисер Педро Алмодовар, а бележити се и неговите соработки со музичари како Руичи Сакамото, Бет Гибонс, Стјуарт Степлс, Мелинго и други.

Инаку, сем настапот на ГАНГЕ БРАС БЕНД кој ќе се одржи на Плато пред Музеј на Македонија, останатите концерти ќе бидат во МОБ за што Оливер Белопета, од СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, како организатор на ОФ-ФЕСТ забележува:

„Универзална сала која што сепак е една институција од јавен интерес се повеќе се концентира на нешто програмско што условно може да се нарече турбо фолк.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG