Достапни линкови

Неделен печат - „Топол ветер дува во Егејот“


Весници, неделници, магазини...

Весници, неделници, магазини...

Неделникот Глобус, во најновиот број, донесува анализа за затоплнувањето на односите меѓу двата историски непријатела Грција и Турција. Затоплувањето на турско-грчките односи го наведува авторот на анализата „Топол ветер дува во Егејот“, да направи паралела на актуелната политика на Груевски, што, како што наведува, не само што ги урна нашите позиции, туку и крајно ги антагонизира односите со Грција.

Неделникот Глобус, оваа недела, излегува, така да речам, од вообичаените стереотипи на ширење дефетизам во нашите медиуми во последно време, атмосфера од која на сите по малку веќе ни е доста - носечката тема во најновиот број се однесува на еден зрак светлина за добрососедското живеење - затоплувањето на односите меѓу двата историски непријатела, Грција и Турција. Неделникот се осврнува на неодамнешната возвратна посета на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, на Атина, како продолжување на визитата на неговиот грчки колега, Папандреу, веднаш по изборната победа кога, на изненадување на сите, слета во Истанбул, за разлика од традиционалната дестинација на грчките премиери - Никозија, и тоа со маслиново гранче во раката. Затоплувањето на турско-грчките односи го наведува авторот на анализата „Топол ветер дува во Егејот“ да направи паралела со, како што пишува, националистичката, провокативна и политиката на антиквизација на актуелната Влада на Груевски, која во изминативе четири години не само што ги ничкоса нашите позиции, угледот и нашата морална предност што ја имавме во поглед на Грција, туку и крајно ги антагонизира односите со овој наш сосед.

Пет лаги на Груевски за името

„Бескрајна манипулација“ и „Пет лаги за името со кои Груевски го збудалува македонскиот народ“ се поентите во уводникот на Фокус, во кој авторот е инспириран од неодамнешната контроверзна анкета на Дневник која, според него, го покажала генерацискиот јаз во однос на спорот со Грција: „Досега мислев“, вели авторот, „дека бунтот и' прилега на младоста, а разумот на староста, но сега излегува дека кај нас младите созреале порано, а старите влегле среде тежок климактериум. Откако јуначки ги одмолчале сите неправди во животот, тие допрва, пред самиот крај решиле да покажуваат мускули, и тоа баш за името!?“ - се чуди авторот на уводникот на Фокус.

Македонија - протест против преговорите со Грција 20 Ноември 2009


Претстојното кратење на буџетот, поради тоа што државата не успеа да ги собере планираните приходи до овој период на годината, сразмерно на планираните расходи, е предизвик за Форум да се обиде да ги анализира нашите финансиски состојби. „Треба да се штеди“, ја истакнува во насловот основната порака на аналитичарот Владимир Глигоров од Институтот за економија во Виена, за да ги подвлече и пораките на домашните експерти дека наместо евро-обврзница, Владата треба да емитува домашна обврзница за пониска цена и проценките дека буџетот треба да се скуси до 100 млиони евра. Форум наведува дека Владата не ги прифатила советите на економските експерти да направи ребаланс на буџетот уште во февруари годинава и дека со предвидениот ребаланс на буџетот, Владата не се откажува од планираните градби од проектот „Скопје 2014“, туку предвидува само да се промени динамиката во нивната изведба.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG