Достапни линкови

logo-print

Безбедносната состојба под контрола


Запленетото оружје кај Радуша

Запленетото оружје кај Радуша

Во Министерството за внатрешни работи велат дека безбедносната состојба во земјата е под контрола и дека нема посериозни индиции за некаков поголем ризик за општата безбедност. Изминатиов месец се случија неколку безбедносни инциденти при што беше пронајдена поголема количина оружје, а беа убиени и четири лица на криминална група што превезувала оружје во Македонија.

Состојбата на теренот е мирна, но се уште постои загриженост кај граѓаните, по неодамнешните акции на полицијата при што беше запленето поголемо количество оружје, а беа убиени и четворица луѓе. Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека нема посериозни индиции за некаков поголем ризик за општата безбедност во земјава.
МВР исто како и досега со несмалено внимание во континуитет ги следи сите настани и ги проверува сите информации до кои што ќе дојде по оперативен пат така што полицијата е подготвена во секој момент соодветно да реагира и да одговори на каков билo предизвик што би се појавил


Специјалец на МВР пред возилото на кои се гледаат траги од куршуми по престрелката со криминалната банда кај Радуша
„МВР, исто како и досега, со несмалено внимание во континуитет ги следи сите настани и ги проверува сите информации до кои што ќе дојде по оперативен пат, така што полицијата е подготвена во секој момент соодветно да реагира и да одговори на каков билo предизвик што би се појавил.“

На крајот на минатиот месец, полицијата пронајде бункери со оружје кај Блаце на македонско-косовската граница, при што имало и престрелка со вооружена група. Речиси во исто време, косовската полиција уапси 7 луѓе за шверц со оружје, но е неизвесно дали тие се поврзани со пронајденото оружје на македонска страна. Потоа, пред околу две недели во престрелка со полицијата кај селото Свиларе, во близина на скопското село Радуша, беа убиени четворица припадници на вооружена група што превезувала оружје во Македонија. Два дена подоцна, во полициска акција во објекти во тетовско Ново Село беше пронајдено оружје, а еден човек беше уапсен.

Пратеникот Рафис Алити од ДУИ, кој е од село Радуша, вели дека ситуацијата во тој крај е смирена, но оти се уште постои загриженост кај граѓаните.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска го разгледува запленетото оружје кај Блаце изложено во касарната Илинден


„Граѓаните од овој крај секако дека сеуште се вознемирени бидејќи јасно незнаат како се случило и што се случило. Ова го велам бидејќи немаше некои движења порано видени во тој крај. Пред да се случи инцидентот немаше движења и од страна на групи, ниту од страна на полицијата.“

Алити вели дека сега, во тој крај, ситуацијата е нормализирана и нема зголемено присуство на полицијата, но граѓаните се загрижени што ќе се случува во иднина. Одговорноста за инцидентот кај Блаце на македонско-косовската граница, преку соопштение ја презеде организација која се нарекува ОНА. Поранешниот лидер на ОНА и сегашен претседател на ДУИ, Али Ахмети рече дека некој се обидува да го злоупотреби името на организацијата. Меѓународната заедница оцени дека соопштението е неприфатливо.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG