Достапни линкови

Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија


Излез постои, затоа постои Билатералната спогодба и затоа е таа донесена за Грција да не го попречува нашето интегрирање, меѓутоа не видов дека постои желба и на некој начин притисок врз Грција да го почитува тоа што го прифатила и што го потпишала. Друга солуција е Грција конечно да ја признае реалноста, дека постои држава Македонија, постои македонски народ и постои македонски јазик.

Една од вашите главни определби како Претседател е да се надминат поделбите во Македонија, но според актуелните внатрешно – политички случувања, сеуште сме далеку од единство, барем за прашањата од државен интерес. Кому му одговара ваквото неединство?

Во услови на демократија вообичаено е сите поделби да излезат на површина и партиите тоа го промовираат, така што сето она што било во минатото, доаѓа од минатото, создава поделби кај нас, се она што не обединува доаѓа од индината, доаѓа од онаа цел и определба на Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО, така што сите оние што се обидуваат да ја попречат таа иднина на Македонија, секој пат единството ним не им оди во прилог.

На неодамнешната неформална средба, на вашата покана не се одзваа лидерите на албанските партии од опозицијата. Тие дадоа образложение за недоаѓањето. Каква е Вашата оценка? Може ли да се организира таква средба во полн состав?

Тоа беше чисто неформална средба. Сакав да се видам со најодговорните луѓе во државата, да размениме информации, да кажеме сопствени ставови по одредени информации што ги имаме, така што нивното неприсуство е само на нивна штета, затоа што се ускратени од одредени сознанија, заемни информации, да споделиме одредени сознанија. Така што ако не се појавуваат на вакви неформални средби незнам како би се однесува тогаш кога навистина ќе имаме потреба од средба на која треба да изградиме некаков став кој е на државно ниво, кога треба да се усогласт одредени разлики кои постојат, а треба државата да настапи единствено по некои прашања, така што можеби сметаат дека таквото нивно постапување е во корист на некои идни избори кога нивните гласачи на тој начин би придобиле, укажувајќи дека еве тие заземаат некои поинакви ставови од она што е став на другите лидери во Македонија.

Што според Вас е најголема опасност за стабилноста и безбедноста на Македонија?

Па ако согледаме каква беше состојбата во регионот пред 20 години, пред 10 години, ќе видиме дека има драстични промени, дека навистина како држава бевме изложени на сето она што беше изложен и регионот, меѓутоа состојбите сега се менуваат, но остануваат сиви зони, остануваат поединици кои се обидуваат од оној начин на кој што функционирале во минатото тоа да го прават и сега. Така што со сето она што е изложена секоја земја на планетава, со тоа сме изложени и ние. Има луѓе поединци, криминални структури на кои не им одговора поредок и владеење на законот, сакаат во тие сиви зони да остваруваат профити, сакаат да се занимаваат со илегални активности, сакаат едноставно да профитираат од тоа што нема во одреден дел поредок. Така што мислам дека таквите закани постоеле и ќе постојат, ќе има поединци, криминални структури, ќе постојат некои што сакаат едноставно да создадат некоја претстава дека целиот регион е сеуште во нестабилна состојба, меѓутоа гледате многу брзо се менуваат состојбите, многу брзо се создава единство, се создаде во целиот регион една стабилност која е неопходна за целиот регион да ги ужива благодетите влегувајќи во евроатлантските интеграции.

Македонија е надвор од НАТО поради спорот со Грција за името, а изгледа дека така ќе биде и со ЕУ. Грција се чини нема намера да попушти, па каде го гледате излезот?

Излез постои, затоа постои Билатералната спогодба и затоа е таа донесена за Грција да не го попречува нашето интегрирање, меѓутоа не видов дека постои желба и на некој начин притисок врз Грција да го почитува тоа што го прифатила и што го потпишала. Друга солуција е Грција конечно да ја признае реалноста, дека постои држава Македонија, постои македонски народ и постои македонски јазик. Меѓутоа за жал сеуште имаме политичари во Грција кои ја користат реториката од Студената војна и ги подигаат стравовите и предрасудите кај нивното население дека со тоа што постои држава Македонија постои опасност за нивната територија, за нивниот интегритет. Така што мислам во 21 век такви прашања да се отвараат и на нив да се профитира е несериозно. Ние покажавме дека сме за добрососедски односи, поради тоа го сменивме и знамето, го сменивме и Уставот, еве во процесот што се одвива во ОН за да може дојдеме до некое решение што ќе биде заемно прифатливо, ги вложуваме сите наши напори и сме конструктивни, но од другата страна не гледаме таков сигнал и таква посветеност, веројатно сметаат дека треба да го одлагаат и да го одлагаат ова прашање и се додека настапуваат од позиција на сила ќе имаат моќ да го спречат нашето интегрирање во евроатлантските структури.

Има ли Македонија алтернатива ако Грција не прифаќа компромис и земјата остане надвор од НАТО и ЕУ?

Сета наша енергија, сета наша визија, сета онаа идеја што нас не обединува е токму НАТО и ЕУ и затоа ние бевме посветени и ги исполнувавме сите критериуми и за НАТО и за ЕУ, фактични тоа го мобилизираше нашето општество и нашите институции и бевме ревносни да ги исполниме сите оние стандарди, приниципи, вредности што се бараа од нас, така што ние едноставно не бараме ништо повеќе од она што се бара од другите држави, ниту помалку. Меѓутоа навистина сме од нашиот сосед доведени во состојба да се јавуваат одредени структури да бараат алтернативи. Непостојат алтернативи за нашиот регион освен за она што сме се определиле. Навистина светот многу бргу се менува, доаѓаат нови актери на политичката сцена, на глобален план се јавуваат нови актери и нови процеси, меѓутоа ние имаме генерална определба и истрајуваме на неа и затоа настојуваме на секој начин преку овој процес што го води г-динот Нимиц да дојдеме до некакво решение што ќе биде взаемно прифатливо решение, меѓутоа неможеме да прифатиме решенија кои ги нуди Грција да ни се пласираат за взаемно прифатливи решенија, односно грчките предлози да ни се претстават дека треба да бидат и наши предлози.

Дали има притисоци врз Македонија и врз Претседателот лично од меѓународните фактори да се најде компромис со Грција за спорот со името?

Имаме постојано средби, имаме контакти, имаме навистина гости, во контакт сме и комуникација со сите што се надлежни за процесот во НАТО интегрирањето и во ЕУ. Меѓутоа отворен притисок не постои, постои укажување дека треба да се дојде до решение и ние сме свесни дека мора да се дојде до решение и затоа им велиме дека ние сме тие што имаме потреба од решение, Грција нема потреба и нечувствуваме дека Грција прави нешто што ќе придонесе што побрзо да се дојде до решение, неа и одговара можеби една стратегија којашто ја имала кон Кипар да ја применува и кај нас, го одолговлекува проблемот, едноставно создава амбиент дека тоа треба да трае се додека не се создадат услови за нешто што ќе им биде во нивна корист. Меѓутоа ние правиме се навистина да укажеме дека меѓународното право, она што е во резолуциите на ОН, она што е во Повелбата на ОН, како важи за сите, треба да важи и за нас, затоа што навистина како држава имаме и ние потреба од достоинство, гордост и почитување на она што е меѓународен поредок. За жал многу малку се наоѓа разбирање кај одредени структури во Грција и затоа тоа го усложнува, го отежнува процесот, затоа што тоа што пред 20 години успеале да ја заведат меѓународната јавност, сеуште трае кај одредени структури, сеуште е доминантна. Грција има можност сите ставови да ги искажува, од претседателот Обама, г-ѓата Меркел, сите премиери, претседатели во Европа, затоа што се внатре во институциите, и тие кога доаѓаат нас ни ги претставуваат нивните ставови, а ние им велиме: дозволете и ние да го кажеме нашиот став, да ја кажеме нашата позиција и потребата за она што е неопходно за оваа држава.
  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG