Достапни линкови

Ново задолжување со висока камата


Зградата на Владата на РМ
Зградата на Владата на РМ

Задолжувањето со еврообврзница, чие емитување владата го најави за јуни годинава е спорно бидејќи не се знае на што ќе бидат потрошени парите и со тоа дали ваквиот потег ќе биде успешен за земјата, велат дел од експертите. Каматната стапка за еврообврзницата ќе изнесува околу 10 проценти.

Македонските власти веќе одржуваат серија средби со потенцијални инвеститори во Цирих, Виена, Франкфурт, Минхен и Лондон за издавање на еврообврзницата, која би била во износ од 175 до 225 милиони евра. Чудно е што владата реши да се задолжува на ваков начин, а истовремено министерот за финансии изјавува дека нема проблеми во буџетот на земјава, вели економистот Џевдет Хајредини.
Крајно е контрадикторно презентирањето на потребата од еврообврзница, значи дека зад тоа се крие крајно драматичната состојба на буџетот во Македонија
Проблематично е и тоа што се уште не е познато за што ќе се користат тие пари, за кои каматата ќе биде околу 10 проценти, поради очајниот инвестициски рејтинг на Македонија, вели тој.

„Ниту кажуваат за кои намени тие средства ќе се користат, ниту признаваат дека имаат неопходни потреби од такви средства. Крајно е контрадикторно презентирањето на потребата од еврообврзница, значи дека зад тоа се крие крајно драматичната состојба на буџетот во Македонија.“

Добро е што владата реши да се задолжи на странскиот пазар, бидејќи парите од домашниот пазар ќе останат за стопанството, но само под услов тие да бидат употребени за развој на земјата, преку кој ќе се оствари добивка со која ќе може да се врати каматата, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.
На Владата е да одлучи за што ќе ги потроши меѓутоа веруваме дека тоа ќе биде за некое продуктивно трошење


„Доколку бидат потрошени средствата за непродуктивни цели тогаш секако дека не е оправдано, затоа што не ќе може да се врати ниту главницата, ниту каматата. На Владата е да одлучи за што ќе ги потроши меѓутоа веруваме дека тоа ќе биде за некое продуктивно трошење од кое ќе има корист и државата и граѓаните и целата јавност.“

Еврообврзниците се должнички хартии од вредност со кои државата доаѓа до свеж капитал, но на идните сопственици ќе треба да им исплаќа камата во одреден рок. Најчести купувачи се банките, инвестициони фондови и осигурителни куќи, кои имаат големи резерви на пари. Македонија лани се задолжи со еврообврзница за 175 милиони евра со камата од 9,8 отсто.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG