Достапни линкови

Белки нема повозрасните да ни забележат овојпат што сме снимале само млади луѓе! Темата веќе сте ја виделе. Актуелна е секоја година и секој месец мај: матурските прослави, полагањето на матурата, каде потоа...? Oд досегашните пораки се гледа дека младите немаат дверба во државното образование, но искажуваат по некој сомнеж и во приватното. Освен тоа, изгледа и матурските не се веќе она што беа; на матурантите им се поважни испитите и каде ќе се запишат отколку прославата.

Да ви признаам, ги жалам по малку, зашто матурска прослава има само еднаш во животот! Како и да е, првата порака ни ја испратил Митко од Скопје уште во 7, 30 часот наутро, значи некој ранобудник, кој како од пушка го испишал своето мислење во врска со матурските испити, дека само измислувале нови за некој да зема пари, а за факултетите, вели „никако на државен, за таму да учиш треба тие да ти плаќаат по 100 евра месечно, бидејќи толку е квалитетно“. И додава дека „никаде во свет не ги признавале тие дипломи!“. На Митко му одговара Петар кој пишува: “А, демек, приватните секаде ги признаваат?!“, па дава веб-страница на која може да се види кој универзитет од државните најдобро котира и автоматски на кого му е попризнаена дипломата.

Некој Дејан од Скопје им забележува на анкетираните матуранти што се плашат од само два испита, кога, веројатно од лично искуство кажува, дека во американските средни училишта на крајот на секоја учебна година имаат завршни испити од секој предмет, а некој безимен на Дејан му одговара: „Немаме сите пари да учиме во американски училишта па да знаеме како е“. Дејан му одговара на безимениот дека не станувало збор за пари, туку за квалитетот на образованието: „Македонскиотобразовен систем е премногу фокусиран на глупости. Простете на грубоста“, се извинува Дејан, „но ако не се пријавите на квизот Милионер, податокот колку говеда има во Шпанија е комплетно ирелевантен“. Е, морам да признаам дека во ова се согласувам со Дејан, дека се учат многу непотребни работи, а не се обрнува внимание на модерново време и на тоа колку светот е отиден напред во сите области на науката и технологијата, па малку од тоа да им се приближи и на нашиве деца, наместо сами да се образуваат преку Интернет!

Кики од Скопје смета дека со кредит трансфер системот образованието е утепано и реагира против практиката на полагање тестови на испитите, при што, на пример, како што ни пишува Кики, треба од пет одговори да го заокружиш каде се наоѓа срцето. Кики не би рекла дека е баш така, но секое право, нели, Хајд паркот на Радио Слободна Европа е отворен форум за дебата и за различни мислења!

Последната порака ни ја испраќа Драган од Тетово кој вели: „Само приватен факултет, немој некој да се изглупира и да се запише на државен“. Драган од лично искуство кажува дека цената на крај горе-долу била иста, а дека дипломата од приватен многу повеќе се ценела во странство. Се надевам почитувани дека некој соодветен ги чита мислењата на нашите млади и дека ќе си извлече соодветни заклучоци: дека всушност нашите сегашни и идни академци размислуват да си бегаат од Македонијава, бидејќи постојано спомнуваат колку и како се ценат нашите дипломи во странство. Е, на ова, богами, некој треба дебело да се замисли.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG