Достапни линкови

Европски монетарен фонд?


Министрите за финансии на Европската унија се согласија да се воспостави итен фонд за заеми кој би можело да достигне ниво од околу 750 милијарди евра. Фондот е дел од напорите да се заштитат земјите од еврозоната од финансиски тешкотии слични на оние со кои сега се соочува Грција.

Финансиските шефови на Европската унија на состанокот во Брисел се согласиле со планот според кој, Европската комисија би обезбедила 60 милијарди евра, додека 16 земји кои го користат еврото ветиле во фондот околу 440 милијарди евра.

Се додава дека Меѓународниот монетарен фонд би можело да влезе во Фондот со дополнителна сума од 250 милијарди евра. Всушност, станува збор за почеток на некаков вид Европски монетарен фонд кој поостро би ги контролирал буџетските и платните биланси на членките на Унијата.

Исто така, би требало да се формира и посебна европска рејтинг агенција која би давала пореални проценки за кредитната способност на земјите во Европската унија. Еврокомесарот за економски и монетарни работи Оли Рен изјави дека кризниот план покажува оти Европската унија е решена да го брани еврото од девалвација.

„Се на се, фискалните напори на земјите членки на Европската унија, финансиската помош од Европската комисија и од земјите членки, како и активностите преземени денеска од Европската централна банка докажува дека ние ќе го браниме еврото по секоја цена.“
Не станува збор за готови средства што треба да бидат обезбедени за земјите членки, туку за своевидни гаранции со кои тие ќе можат да земаат пари од тие пазари.

Во кругови, блиски на евроминистрите за финансии се наведува дека Унијата е решена да направи се за да спречи и други земји да дојдат во ситуацијата во која се најде Грција.

Имено, како што се дознава, доколку и Шпанија западне во такви проблеми ќе бидат потребни повеќе од 500 милијарди евра за стабилизирање на нејзината платежна моќ. Министерот за финансии на Луксембург Лук Фриден прецизира за што всушност станува збор:

„Не станува збор за готови средства што треба да бидат обезбедени за земјите членки, туку за своевидни гаранции со кои тие ќе можат да земаат пари од тие пазари.“

Претходно, францускиот претседател Никола Саркози предупреди дека на Европската унија и на еврото им се заканува систематска опасност.
Германскиот канцелар Ангела Меркел

Американскиот претседател Барак Обама на два пати во текот на изминатиот викенд телефонски разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел од која барал Берлин да ги поддржи мерките за стабилизирање на еврото или во спротивно нарушените финансиски пазари ќе ја загрозат и американската стопанска стабилност.

Последователно на тоа, американската Централна банка објави дека е подготвена да тргува со долари за евра да им помогне на европските банки да позајмат долари со цел да се избегне натамошниот притисок врз еврото и да се спречи натамошното ширење на европската финансиска криза.

Според американските Федерални резерви, банките во Европската унија, Британија, Канада и Швајцарија преземаат координирани напори. Веднаш по објавувањето на планот за помош на Европската унија, еврото ја зголеми својата вредност на светските берзи.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG