Достапни линкови

Нема пари за фестивалот Пеце Атанасоски


Иако многумина велат дека негувањето на народната традиција и изворната музика е еден од начините за зачувување на идентитетот, единствениот фестивал кој ја негува македонската песна, оро и инструменти, Пеце Атанасоски изумира. Организаторите велат дека не можат да ги соберат потребните средства за организирање на фестивалот.

Доведена е во прашање иднината на традиционалниот и единствен фестивал во државава кој ја негува изворната македонска песна, оро и инструменти, Пеце Атанасоски. Иако, како што велат организаторите само со негување на народните традиции можеме да се дефинираме како нација и држава, фестивалот нема адекватна помош и третман од државата, па со години тапка во место. Наместо квалитативен развој, бројните проекти кои се вредно и стручно подготвени од организаторите и доставени до надлежните институции стојат во фиока.

„Придобивките, благодарение на Пеце Атанасоски и луѓето како Драган Даутовски и ги има и уште, се разбира се оформи една на Академија отсек за изворни инструменти и изворно пеење. А, што се мисли што се губи во држава каде што нема традиција и каде што нема јазик, каде што нема....треба да ви одговорам?!“, вели Весна Вучиќ, директор на фестивалот.

И покрај настојувањата, остануваат нерешени бројните проблеми со земјиштето каде што се наоѓа спомен собата на Пеце Атанасоски во Долнени. Утопија се и плановите да се организираат кампови за учесниците со креативни работилници во повеќе области.

„Духовното творештво, генерално значи не е само фестивалот и само песната и орото. И пишаниот збор и многу работи се запоставени. Можеби беше најтешко еден ваков фестивал да се организира во некоја држава што се викала Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кога се се одеше на едно поинакво ниво. Значи тие што почнале со овој фестивал биле ентузијасти, ама и гледале малку подалеку, за да го зачуваат тоа што е тука, од овие простори генерално, значи никогаш не биле занемарени.“

Доколку државата и натаму нема сенс, фестивалот нема веќе да се одржува. За придобивките на манифестацијата ќе сведочат илјадниците учесници, соло интерпретатори и групи, културно-уметнички друштва од земјава и странство.

„Од 300 до 350 учесници во просек во изминативе 36 години. Почна значи како гајдаџиите од Долнени па прерасна во републички натпревар, на овој фестивал доаѓале и шкотлаѓани и од Франција и од Германија итн. И не дека не постои интерес и сега да дојдат. Немаме што да им понудиме, значи треба и да ги пречекаме, а не само микрофоните да ги поставиме и да кажеме “ова е Долнени“!“

А, годинава како и многу пати пред тоа, фестивалот кубури со средства. За успешна реализација на оваа манифестација која треба да се одржи од први до четврти јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени, недостигаат третина од потребните 600.000 денари. Сепак, велат организаторите, со максимум напори фестивалското случување ќе се одржи како завршница на трииполдеценискиот живот.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG