Достапни линкови

В недела скопски атлетски маратон


На деветти мај низ улиците на Скопје, по четврти пат ќе се одржи атлетскиот маратон во чии рамки ќе има три трки, од кои главната е на патеката долга 42 километра и 195 метри. Со тоа ќе продолжи традицијата започната во 2007 година, кога по иницијатива на евроамбасадорот Ерван Фуере и нашата престолнина доби своја улична трка.

Трката секоја година има поголема масовност и квалитет, што се очекува да се потврди и во недела, за кога веќе искусните организатори најавуваат учество на рекордни 2.500 натпреварувачи.
Годинава очекуваме на маратонската трка да се појават 200 полумаратонци, на полумаратонот околу 300 натпреварувачи и на хуманитарната трка
на пет илјади метри околу 2000 натпреварувачи.

„Годинава очекуваме на маратонската трка да се појават 200 полумаратонци, на полумаратонот околу 300 натпреварувачи и на хуманитарната трка на пет илјади метри околу 2000 натпреварувачи“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на трката со која станавме член на меѓународната асоцијација за маратонско трчање.

Тоа резултира со пријавување на многу натпреварувачи од странство, а годинава учество најавиле маратонци и од Кенија и Етиопија кои се светска елита во трките на долги патеки. За објавување на нивните имиња организаторот чека да помине процедурата за добивање визи на Африканците, а сигурно е дека титулите ќе ги бранат ланските победници, Србинот Сретен Нинковиќ и Хрватката Марија Врајиќ. Тие со другите маратонци ќе се борат за наградниот фонд од десет илјади евра, од кои две третини се предвидени за оние кои први ќе минат низ целта и тоа во лимитираниот временски рок.

„За мажите тоа под 2,32, а за жените, под три часа. Доколку истрчаат такво време победниците ќе добијат 1,700 евра, а доколку постигнат и рекорд на патеката добиваат 300 евра бонус награда“, додаде Синадиновски.

Тој се надева дека и некој од многубројните наши маратонци ќе се вклучи во битката за првите три места во вкупен пласман, иако тие пред се` ќе се борат за титулите најдобар во Македонија.

„Како и лани така и годинава во склоп на маратонот се организира државно првенство во соработка со АСМ. За нив има награда, 300 евра за прво место, 150 евра за второ и трето место 100 евра“, истакна на крајот Кире Синадиновски.

Тој инаку е и член на Извршниот одбор на Атлетската федерација на Македонија која, заедно со Работнички и скопскиот Сојуз на спортови, е организатор на најголемиот атлетски настан во нашата земја.
XS
SM
MD
LG