Достапни линкови

Клинтон против Ахмадинеџад


Државниот секретар на САД Хилари Клинтон на Конференцијата во ОН

Државниот секретар на САД Хилари Клинтон на Конференцијата во ОН

Во Њујорк продолжува конференцијата на Обединетите Нации за неширење на нуклеарното оружје. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон изјави дека нуклеарните амбиции на Иран се опасност за светот. Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, пак, негираше дека неговата земја изработува нуклеарно оружје.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон на Конференцијата во Њујорк изјави дека нуклеарните амбиции на Иран се закана за целиот свет и ја повика меѓународната заедница да го повика Техеран на одговорност.

„Иран е единствената земја моментално застапена во оваа сала, која од Агенцијата за атомска енергија е оценета дека не ги почитува обврските. Тоа е пркосење на Советот за безбедност на ОН, со што и режимот за неширење на оружјето е во опасност“, изјави Клинтон.

САД се обидуваат да ги убедат светските лидери да го поддржат притисокот на Вашингтон за четвртата рунда санкции против Иран, поради тоа што не докажа дека не е во потрага на нуклеарно оружје. Клинтон и во Њујорк повтори дека Иран ќе стори се што може за да ги пренасочи вниманието и да ја избегне одговорноста. Всушност, само неколку часа претходно, Претседателот на Иран Махмуд Ахмадинеџад на истата Конференција за неширење на нуклеарното оружје повика на разоружување на светските нуклеарни сили и на промена во структурата на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Претседателот на Иран Махмуд Ахмадинеџад на Конференцијата ОН


„Сегашната структура на Советот за безбедност е крајно неправедна и неефикасна. Тоа е поддршка на оние земји кои имаат нуклеарно оружје. Реформата на овие структури е потребна за постигнување на целите на Агенцијата за атомско оружје.“

Тој негираше дека Иран се обидува да изгради нуклеарно оружје, опишувајќи го како „оган против човештвото“. Ахмадинеџад, кој е единствениот шеф на држава на конференцијата, изјави и дека САД се главната закана за ширење на оружјето.

САД се транспарентни

Државниот секретар Хилари Клинтон на Конференцијата за неширење на нуклеарното оружје изјави дека тие решиле да бидат транспарентни, бидејќи тоа ќе ја зголеми довербата во напорите за контрола на оружјето.
Соединетите Држави имено за прв пат открија колкав нуклеарен арсенал поседуваат. Според извештајот на Министерството за одбрана, 5113 боеви глави, оперативно распоредени се чуваат во активна резерва или се наоѓаат во неактивни складишта. Нуклеарниот арсенал е намален за 84 насто од неговиот максимум од 31 225 боеви глави за време на Студената војна, како и 75 отсто од 1989 година, кога се урна Берлинскиот ѕид.
  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG