Достапни линкови

Хајд Парк – Ваши коментари


Vox Populi - Гласот на народот
Vox Populi - Гласот на народот

Како да знаевме, почитувани наши слушатели, дека ќе ве испровоцира нашава нова тема во Хајд паркот! По онаа за најбогатите луѓе, која додуша не беше во Хајд паркот туку редакциска, од наш новинар, еве сега и на прашањето дали се живее подобро сега или пред четири-пет години, одговарате онака како што чувствувате.

Морам да кажам, некако огорчено сите, со исклучок на неколкумина, кои сметаат дека горе-долу, исто се живеело. И со исклучок на Милена од Битола и на Светлана од Скопје кои ни забележуваат зошто не сме анкетирале помлади луѓе. Ама изгледа помладите ги нема низ улиците. Каде ли се, се прашувам. А, освен тоа, мислам дека зависи и кој што подразбира под подобро или полошо живеење. На Милена и на Светлана им одговара Илија, кој пишува: Имам 26 години, факултет, постдипломец. Со сето тоа ми останува само да се фрустрирам кога гледам неписмени креатури како возат Мерцедеси, па ја прашува директно Милена: Како е тоа за изјава на млад човек, госпоѓо Милена?

Марко од Скопје резигнирано извикува: Само бетер и бетер иде работава, никој не мисли на народ, а Ване исто така од Скопје изгледа на свој грб осетил нешто па пишува: подобро им се само на оние кои се вработија во државна администрација, другите молчат и трпат! Никола направил убава анализа на живеачката и на цените во споредба со цената на нафтата. Кога пред 5-6 години нафтата беше 180 долари за барел, кај нас беше 78 денари литар бензин а сега, нафтата е 80 долари барел, а литар бензин 72 денари. И Никола спомнува партиски војници – што ли беше тоа? – И, Никола не се плашете, напишете што сакате, целите пораки се објавуваат, ова е Радио Слободна Европа. И сега малку шега, а пропо, имам прилично возрасна мајка, и кога ќе и кажам нешто за Радио Слободна Евопа вели, а, добро, Франција. Веројатно, таа земја нејзе и останала како синоним за слобода.

И друг ја спомнува мајка си – работава наша ќе се поправела на Свети Никад, велела мајката на нашата почитувана или почитуван Кики, која што, или кој што, од своја страна смета дека политичарите само ќе продолжеле да ни го перат мозокот со подобар детергент, за да гледаме малку и во розова нијанса!

И како за крај, една нова порака за темата најбогатите луѓе во Македонија: Миле од Скопје, за разлика од еден слушател кој сака да биде макер и на 51-место на листата на најбогатите на списанието Форбс, сака да биде дури и 52-ри, “не би ми пречело“, вели тој. Шегата настрана, пишува Миле, во Македонија да станеш богат треба да играш нечесно – барем засега. Зошто е тоа така?, прашувам јас.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG