Достапни линкови

logo-print

Грција меѓу спасот и распадот


Грчкиот прмеир Јоргос Папандреу

Грчкиот прмеир Јоргос Папандреу

Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд се очекува оваа недела и официјално да го одобрат пакетот финасиска помош за спасување на презадолжената Грција. Станува збор за 110 милијарди евра што е најголем спасувачки пакет што некогаш и даден на некоја земја. За возврат, Атина ќе мора да преземе болни мерки за стегање на ременот.

Според договорот, членките на еврозоната ќе и дадат на Грција 80 милијарди евра, додека преостанатото го обезбедува Меѓународниот монетарен фонд. Заемите се со камата од пет проценти. Освен што станува збор за рекордна помош, таа е и прва што ја добива една од 16 земји членки на еврозоната.

„Следејќи го барањето на грчките власти, европските министри едногласно се согласија да ја активираат поддршката за стабилизирање на Грција преку билатерални заеми“, соопшти премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, кој инаку е претседавач на еврозоната.

Тој додава дека помошта ќе биде
Ние се наоѓаме во средина која многу брзо се менува и во која се конфронтираме со меѓународните пазари кои не ни даваат време за да се прилагодиме онака како што мислиме дека е потребно. Затоа и побаравме помош.
реализирана во рок од три години. Првите пари се очекува да пристигнат пред 19 овој месец кога Атина ќе мора да почне да го исплаќа дологот што го има кон кредиторите.

Пакетот доаѓа со неколку навистина тешки услови. Атина ќе мора да ги намали трошоците и да ги зголеми даноците за околу 40 милиони долари во наредните три години. Во истовреме треба да ги замрзне платите во јавниот сектор и пензиите. Крајна цел е грчкиот дефицит во 2014 година да дојде до околу три проценти од бруто домашниот производ. Сега тој е поголем од 13 проценти.

Најавените мерки веќе доведоа до насилни улични протести и пресметки меѓу полицијата и демонстрантите. Но, грчкиот премиер Јоргос Папандреу на вчерашната седница на владата која беше пренесувана на телевизија изјави дека земјата мора да направи големи жртви. Со боја на вратоврската која Грците вообичаено ја носат на погреби тој порача:

„Сакам на Грците искрено да им кажам дека ни претстои големо судење.“

Неговиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину пак оцени дека земјата избирала меѓу распаѓање и спасување.
Грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину

„Ние се наоѓаме во средина која многу брзо се менува и во која се конфронтираме со меѓународните пазари кои не ни даваат време за да се прилагодиме онака како што мислиме дека е потребно. Затоа и побаравме помош.“

Договорот за спасување на Грција треба да биде одобрен од некои парламенти на земјите од еврозоната.

За седми мај е свикан и нивен специјален самит на кој и официјално треба овој план да стартува. Најголемото јавно противање на пакетот има во Германија, која пак е најголем контрибутор во заемот за Грција, околу 22 милијарди евра. Сепак, германскиот канцелар Ангела Меркел најави дека ќе стори се тој да мине во германскиот парламент.

За одобрениот пакет за финансиска помош вчера грчкиот премиер Јоргос Папандреу добил и честитки од американскиот претседател Барак Обама. Економистите очекуваат пакетот на извесен начин да ја забави должничката криза што ги тресе финансиските пазари и која почна де се шири во други земји на еврозоната како Португалија и Шпанија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG