Достапни линкови

Дневен печат - „Премиерот ги урива и последните надежи за решение“


Весници, магазини, неделници...
Весници, магазини, неделници...

Во изминатава недела во дневниот печат повторно се актуелизира проблемот со името и преговорите со Грција, откако премиерот Груевски во интервју за ТВ Сител изјави дека тој ќе гласа негативно на референдумот ако прашањето гласи за придавката Северна Македонија за целосна употреба.

„Премиерот ги урива и последните надежи за решение“, објавува на насловната Време. Во друг број, истиов весник објавува дека „Преговорите влегоа во длабока криза“ и пренесува мислења на аналитичари дека во историјата не се случило да има успешен референдум, ако тој што е на власт е против.
Груевски-лидерот ќе прашува,
Груевски-премиерот
ќе одговара.

Нова Македонија насловува: „Груевски-лидерот ќе прашува, Груевски-премиерот ќе одговара“, појаснувајќи дека референдумското прашање ќе биде составено од страна на партите или пратениците во Парламентот, а дека Владата дополнително ќе се изјаснела дали предлогот содржан во прашањето е прифатлив за неа.

Вечер на насловна го објавува гледиштето на опозицискиот СДСМ дека е можно на референдум да биде ставен предлог кој нема да е прифатлив за државно-владиниот врв, а граѓаните ќе треба сами да ја донесат одлуката. На однапред пропаднат референдум СДСМ нема да учествува, го пренесува ставот на опозициската партија Вечер.

Време излегува со интересна теза дека археолошките откритија се темпираат според дневните потреби и дека се „ископува политика“. Весникот пишува дека најновото археолошко откритие кај Струмица, на ламба со претстава на Александар Македонски, било откриено десетина дена пред да биде објавено кога во Охрид, македонски и грчки интелектуалци, професори и новинари симулираа преговори за името меѓу двете соседни држави.
САД и ЕУ ни одбројуваат.


Писменото обраќање на претставниците на ЕУ и на САД до Владата за нивната загриженост дека таа ги напушта евроинтеграциските цели го третираа сите медиуми, освен Вечер. „САД и ЕУ ни одбројуваат“, насловува Дневник, а Утрински пишува дека власта молчи за пораките на дипломатите и дека писма со вакви загрижувачки пораки дипломатите ни пишувале пред десет години, во периодот пред и за време на конфликтот во 2001.
Безбедносната ситуација во Скопје – редовна?

Медиумите пишуваат и за зачестеното ограбување на банките во Скопје, особено на експозитурите на Комерцијална, при што Нова Македонија забележува дека Скопје станал град на опасно живеење, објавувајќи наслов со прашалник „Безбедносната ситуација во Скопје – редовна?“, цитирајќи го рапортот на висок полициски функционер на отворањето на новата зграда на СВР-Скопје пред својата шефица, министерката Јанкуловска, и нејзината оценка дека криминалните тензии во градот се смируваат, откако е расветлено едно разбојништво во миниказино на булеварот Партизански одреди.

Само Утрински ја пренесува веста на агенцијата МИА за тоа дека СДСМ објавува дека власта неконтролирано ги троши државните депозити во Народна Банка и дека од август 2006, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, депозитите на државата се намалени за 470 милиони евра. Премиере Груевски, каде отидоа парите, го пренесува Утрински прашањето од опозицијата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG