Достапни линкови

Сакате да го дознаете одговорот на ова прашање...? Но, тука настанува проблемот, бидејќи освен некои новинарски листи, во државата нема официјална листа за најбогатите. Зошто? Дали богатството е срам во Македонија!? Можеби е така, бидејќи проблемот лежи во тоа како да се оддели транзицискиот грабеж од чесното работење.

Сакате да знаете кој се најбогатите луѓе во светот? Нема проблем, почекајте го годишниот извештај на „Форбс“ кој прави ранг-листа на најбогатите, на која освен имињата, стои и салдото и податокот, дали во споредба со минатата година нивното богаство се зголемило или намалило.
Сакате да знаете кој е најбогат во Македонија? Е тука е веќе проблемот. Досега само новинарите составуваат листи за најбогатите луѓе во Македонија. Од друга страна, пак, богаташите ретко кога јавно признаваат дека имаат многу пари. Од тука се поставува прашањето дали богаството е успех или неуспех во Македонија. Можеби проблемот е во тоа како да се оддели транзицискиот грабеж од чесното работење. Капиталот стекнат за време на транзицијата се уште се чува во банки во странство, ретко кога некој вложува во земјата.

„Капиталот од транзицијата се чува на банкарските сметки на многу острови и тој е имобилизиран капитал и служи само за задоволство на поединци, нема тој свој продор, односно ја немаше смилслата на приватизацијата“, вели бизнисменот Зоре Темелковски.

Граѓаните сметаат дека нема чесен богаташ во Македонија

Следи ги парите. Тоа беше пораката на култниот филм „Сите луѓе на претседателот“, за аферата Вотергејт. Јунаците во филмот, следејќи од каде доаѓаат парите, открија афера која го потресе американското општество. Во Македонија малку потешко оди следењето на потеклото на парите. Прашањето од кај им се парите на луѓето секогаш некако природно ми доаѓа кога ќе видам куќи како хациенди, автомобили поскапи и од 300 илјади евра. До пред некоја деценија, сите беа еднакви, сите имаа по еден стан, возеа „101“, фиќо или подоцна југо. Мерцедеси имаа само директорите на големите државни претпријатија и луѓето кои по 30 години беа на привремена работа во Германија. Кај нас ретко кој може да каже дека парите и имотот му се дедовина, затоа што со национализацијата им било одземен и имотот и стоката и се што тогашните власти сметале дека им е многу и дека треба да се подели и на другите. Долгата транзиција, матната приватизација, големата амбиција и немањето на регулативи створија стотина милионери. Обичните, пак, граѓани револтирани од „неправедната“ распределба на општествените добра велат дека ретко кој во земјата е богат, а да не крадел додека се можело.
Нелегално и на ајдучки начин се богатат.

„Државата им дава такви услови на богатите, да прават што сакаат да плаќаат колку сакаат и нормално си зимаат колку сакаат.“

„Нелегално на ајдучки начин крадат и брзо се збогатуваат.“

„Јас работам 20 години и за 20 години немам стекнато ни денар капитал, а мојот директор има милиони, но во странски банки.“

Социолозите велат дека е природно луѓето да чуствуваат револт кон новите богаташи, бидејќи чуствуваат дека тие им одзеле нешто.

„Тој револт има една објективна основа, има доволна причина да биде оправдан, затоа што се покажа подоцна дека навистина голем дел од приватизацијата во Македонија, особено на големите фирми се случи, условно кажано, во тие нечесни игри“, вели социологот Илија Ацески.

И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека се уште се стигматизираат богатите во Македонија.

„Ние гледаме дека тие се сатанизираат дека се олигарси, дека се врзани со опозиционите партии, дека се Власи, што е крајно апсурдно.“

Немањето закон за спречување на перење пари го „олесни“ збогатувањето

Години наназад, во отсуство на Закон за докажување на потеклото на парите и без институција која ќе се занимава со запирање на перење на парите, се појавија богаташи кои нелегално го стекнале својот имот, кои наместо криминалци прераснаа во икони на транзицијата. Закони има, но не се почитуваат велат антикорупционерите.

Слаѓана Тасева


„Се што треба да направиме во смисла на носење на закони и поставување на институциите се прави, но се уште во официјалните извештаи Македонија може да се прочита дека е нотирана како земја што може да се смета дури и за рај за „перење на пари“, затоа што ние се уште немаме добра и ефикасна контрола на сите финансиски текови“, вели Слаѓана Тасева, антикорупционер, автор на книгата „Перење на пари“.

Но, и законите имаат дупки вели Тасева.

„Ние и во законот немаме можност проактивно да истражуваме. Не можеме некого да го прашаме: Од каде ти се парите и зошто наеднаш од фиќо имаш џип? Мора да имаме прво основа за соменвање дека сторил кривично дело, па да можеме да го прашаме.“

Во Управата за јавни приходи на почетокот на секоја година, секој кој остварил приходи треба да ги пријави. Освен платата се пријавуваат и приходите остварени настрана. За минатата година бил пријавен приход за оданочување од 15 милиони евра. Една година пред овој фискален период, скопски и битолски бизнисмен, сопственици на компании, заработиле 20, односно 30 милиони евра профит. Од Управата за јавни приходи велат дека контролата над заработката на најбогатите луѓе во Македонија во иднина ќе бида зајакната.

Ваквата постапка стана потребна, откако во минатото се појавија неколку случаи на затајување на данок на политичари, а потеклото на богатството беше тешко да се утврди. Освен случајот на Владо Димов, во јавноста исто така голем интерес предизвикаа и случаите на поранешната градоначалничка на Центар Виолета Аларова. Македонските граѓани имаат обврска, во даден рок да го пријават целиот имот и парите на нивно име. Доколку го пријават имотот и парите во овој рок и на нив платат персонален данок, УЈП нема да им бара докази за потекло на парите. После овој рок, имотот и парите за кои нема да може да се докаже како се стекнати и за кои не е платен данок, ќе се оданочуваат со даночна стапка од 70 отсто. Во отсуство на регулативи, во минатото судовите ниту еднаш не изрекоа пресуда со која државата ќе му го одземе имотот на некој од оние што извршиле економски и финансиски криминал. Микеле Курто е италијански експерт за конфискување на имот. Тој вели дека кај нив имотот од уапсените мафијаши им се дава на луѓе кои се невработени, се отвараат институции за помош на ранливи групи и со тоа се докажува дека институциите на државата се грижат да им го вратат она што некогаш им било одземено на обичните луѓе.

„Конфискуваниот имот треба да се врати на општеството. Во Италија сега можете да одите во училиште што е конфискуван имот, во Сицилија имотот на еден познат мафијаш е претворен во хотел. Конфискуваниот имот им се дава на млади невработени да одгледуваат маслинки. Сето ова нема само економска придобивка, туку и образовна, односно да им се покаже на луѓето дека мафијата може и да изгуби.“

Зошто нема официјална листа на милионери?

Имињата на Минчо Јорданов, Штерјо Наков, на Мукаетови, Камчеви, на Трифун Костовски, на Гуштеров, само ги набројувам, немам намера да ги рангирам, бидејќи нивните салда се уште се табу тема. За нив само се зборува, но ретко кој од нив јавно излегол и кажал колку пари има. Социологот Илија Ацески вели дека кај нас уште многу години ќе поминат додека да се направи листа на најбогати.

Магазин Форбс 10Mar2010


„Затоа што вие ако направите една ранг листа на 10, 50 или 100 најбогати луѓе во Македонија, не дека голем дел од нив веднаш ќе се предизвика сомневање, ние сме една мала држава, мало општество, луѓето се знаат меѓу себе, ги знаат тие игри што се случувале и кога вие ќе го направите тоа ќе се создаде еден протест, револт кај оние што едвај прежиуваат на некој начин.“

Професорот по економија Ванчо Узунов, пак, вели дека не е далечно времето кога ќе се креираат ранг листи н најбогатите.

„Неформално постојат такви ранг листи со тоа што не се објавуваат, не се формализираат, меѓутоа мислам дека кај и да е ние сме блиску да и кај нас почнат тие работи да се објавуваат.“

Професорот Узунов вели дека во последно време богатите се почесто ги пополнуваат даноцните пријави за имот.

„Бизнисмените сега рекоа „пари имаме и сега треба да ги пријавиме, бидејќи ако ги откријат, а не сме ги пријавиле после тоа казната ќе биде премногу голема“. Другата причина е тоа дека со текот на времето ние во Македонија прифативме дека капитализмот значи автоматски поделба на богати и сиромашни, на почетокот на транзицијата тоа не беше така. Да се каже дека човек има пари беше малку срамота да кажам.“

Во голем дел од транзиционите земји кои минаа низ процесот на трасформација на опшествениот капитал во приватен, повеќе или помалку имаше криминални и незаконски приватизации. И македонскиот процес на приватизација според многумина е оценет како најголем грабеж, со многу неправилности и дупки во законската регулатива, од кои корист имаа само мала група на луѓе. За разлика од кај нас, дел од земјите во Источна Европа „дозволија“ нелегалните пари да се свртат во земјата, популарно речено да се исперат, за подоцна да се легализира капиталот и да им се овозможи на оние кои имаат пари во странски банки да ги внесат во легалните економски текови.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG