Достапни линкови

logo-print

НАТО останува со отворена врата


Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен

Проширувањето на НАТО и операциите во Авганистан ќе бидат меѓу приоритените теми на дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО што денеска почнува во Талин, Естонија. Генералниот секретар Андерс Фог Расмусен во интервју за Радио Слободна Европа ги повтори заклучоците од самитот во Букурешт за отворената врата за оние земји кои сакаат да станат членки на НАТО.

Најавувајќи ја агендата на министерскиот состанок на НАТО во Талин, генералниот секретар Андерс Фог Расмусен изјави дека ќе се разговара за новиот стратегиски концепт, односно натамошните реформи на Алијансата кои треба да бидат прифатени на следниот самит во Лисабон. Притоа, тој рече:

„Ќе се дискутира за нашата политика на отворена врата, со посебен поглед на Балканот и на односите на НАТО со Босна и Херцеговина.“

Расмусен прецизира дека станува збор за босанското барање за Акционен план за членство, односно за програмата на НАТО за поддршка на некоја земја која сака да стане членка на сојузот.

„Министрите во Талин ќе разговараат за тоа кога, а не дали да ја прифатат Босна и Херцеговина чие место е во евроатлантските структури“, вели Расмусен.

За натамошното можно проширување на НАТО Расмусен изјави:

„Во врска со Грузија и Украина, позицијата на НАТО е непроменета. Ние во 2008 година донесовме одлука на самитот на НАТО во Букурешт. Според неа, Грузија и Украина ќе станат членки на НАТО, ако тие го сакаат тоа и секако ако ги исполнат предвидените критериуми.“

Притоа, генералниот секретар Расмусен наведе дека на Украина е да реши дали ќе продолжи да го развива партнерството со НАТО или не. Во тој контекст тој најави дека на министерскиот состанок во Талин ќе се разговара и за односите меѓу Алијансата и Русија.
Ќе се дискутира за нашата политика на отворена врата, со посебен поглед на Балканот и на односите на НАТО со Босна и Херцеговина.


„Еден од моите приоритети е подобрување на односите меѓу НАТО и Русија. Знаеме дека имаме несогласувања со Русија. Едно од нив е Грузија. Ние инсистираме на целосно почитување на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Грузија.“

Сепак, според Расмусен, ваквите несогласувања не треба да фрлат сенка врз фактот дека Алијансата има исти интереси со Русија например во борбата против тероризмот и неширењето на нуклеарното вооружување.

„Јас, исто така, сугерирав Русија да ги засили своите напори во рамките на обуката на авганистанските безбедносни сили. Таква обука би можело да се одржува во Русија.“

Рамусен најави дека во расправата за Авганистан на состанокот во Талин ќе бидат вклучени министрите од 46 држави кои учествуваат во мисијата на НАТО во таа земја. Министрите, исто така, ќе се задржат и во врска со нуклеарна политика на НАТО, по новиот СТАРТ договор меѓу Соединетите држави и Русија и Вашингтонскиот самит за обезбедување на нуклеарниот материјал.

„Ние треба да се придржуваме на нуклеарниот капацитет како на средство за заплашување. Затоа, верувам дека е неопходно стационирање американски конвенционални и нуклеарните капацитети во Европа“, вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, а пред утрешниот почеток на министерскиот состанок во Талин.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG