Достапни линкови

МВР уапси повеќе од 30 лица, претресе 15 објекти, а операцијата наречена Метастаза и натаму продолжува. Според портпаролот Иво Котевски осомничените, за одреден паричен надомест од минимум 1.500 евра, им овозможувале на заинтересирани лица да се стекнат со право на инвалидска пензија.

Полицијата во рамки на реализацијата на финалната фаза од акцијата „Метастаза“ денеска приведе повеќе од 30 лица осомничени за криминални активности околу издавање одлуки за добивање инвалидски пензии, а направени се претреси во повеќе од 15 објекти.

Според досега документираните оперативни сознанија и информации за криминални дејствија и малверзации при доделување на инвалидиски пензии, осомничени се 37 лица, кои делувајќи како организирана група односно злосторничко здружение, се товарат дека ја злоупотребувале службената положба и фалсификувале исправи.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски информира дека осомничените за одреден паричен надомест од минимум 1.500 евра им овозможувале на заинтересирани лица да се стекнат со право на инвалидска пензија.

„Меѓу пријавените се членови на првостепената Комисија и второстепена ревизиона Комисија која одлучува по барањата за инвалидски пензии, 17 доктори од повеќе приватни и јавни здравствени установи, како и посредници кои ги пронаоѓале потенцијалните баратели на инвалидски пензии“.
Меѓу пријавените се членови на првостепената Комисија и второстепената ревизиона Комисија која одлучува по барањата за инвалидски пензии.

Котевски појаснува дека според првичните информации, сите приведени при организираното делување имале различни улоги во групата при вршењето на криминалните активности.

Најголем дел од осомничените се доктори од Скопје од Воената болница, Клинички центар и од други приватни здравствени ординации и тоа ортопеди, кардиолози, психијатри, невролози, пулмолози, но и интернисти и физиотерапевт.

Портпаролот на МВР Котевски потенцира дека „Метастаза“ се уште е во тек и по нејзиното завршување, најави дека најверојатно утре МВР ќе излезе со официјална информација и детали.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG