Достапни линкови

Нова тема, нови пораки. Можеби најгорливото прашање, кое се отвори во државава во ткн.транзициски период кое го удира народов веќе 20 години - стечајците. Протести на стечајците, едни пред Владата, други пред седиштето на СДСМ. Кој е виновен за нивната судбина и кој треба да им помогне?

Дали Владата или опозицијата? Анкетираните луѓе во видеоклипот на Хајд паркот на Радио Слободна Европа велат дека не се партиски изманипулирани, туку, како што вели еден, „тие се измешани со нас, тие не јадат“. Друг, пак, вели „човек кога има мака се фаќа за сламка“. Една жена, за волја на вистината, вели „ни кажуваат да одиме кај СДСМ, тие нека ви помагаат, но тие за тоа ја изгубија власта“, додава. „Ние и ги подаривме гласовите на оваа власт зашто ни ветија помош“. Мислењето дека Владата треба да им помогне на овие луѓе го споделува и Елеонора Поповиќ од Скопје која пишува дека „Стечајците се граѓани на оваа држава и не е битно кој бил на власт кога останале на улица. Навистина жалосно“.



Вашите мислњења, ставови и коментари на оваа тема можете да ги оставите во рубриката Хајд Парк.

Државата, власта, со својот неписмен кадар оди накај дното од кое нема излез, не' поздравува песимистички Елеонора. Надица, исто од Скопје, смета дека на стечајците треба да им помогнат и едните и другите. Да се изгласа закон, вели Надица, со кој невработените би имале минимум за преживување. Мирко смета дека виновниците треба да ги гонат судовите и да одговараат за
Има волја од Владата и од премиерот Груевски да им се обезбеди егзистенција или нема?
грабежите што ги имаат направено. Факт е дека има луѓе кои немаат за егзистенција и треба да им се помогне, а кој може друг ако не власта, ако сака?, прашува Мирко. Тој го поставува Хамлетовското прашање: „Значи, има волја од Владата и од премиерот Груевски да им се обезбеди егзистенција или нема. Трето нема“. Мирко веднаш нуди и решение: „Еден споменик помалку, социјална помош за стечајците???“ ја завршува со три прашалници Мирко својата порака до нас. Ѓорѓи Василчев од Скопје смета дека, цитирам, „Грујо почна да цвика. Му паѓа рејтинг и џабе му праќа на СДСМ да му протестираат“. Потоа му се обраќа лично на премиерот: „Не вреди више Грујо - тебе ич не ти е гајле за државата и за народот. Ти си лажен патриот и промашен економист“.

Некој Горан смета дека државата треба да создаде солиден систем за социјална помош на сите граѓани кои се невработени и дека кај нас не функционира системот за социјална помош, оти само одредени групи, вели, „кои претходно спиеја пред собрание се најдоа во привилегирана положба. Социјална помош треба да им се обезбеди на сите лица на кои им е потребна“, трезвено размислува Горан.

Ќе ми ја дозволите слободата да додадам, камо да има некој да ги слуша и да ги чита поракиве и мислењета на народот. И како за крај, на некој Мики од Скопје во нашиот Хајд парк му излегла целата вистина од срцето: „А да си одат и едни и други па раат да си ја праиме работата?“ Јас, пак, ќе си дозволам песимизам: А кои други би дошле?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG