Достапни линкови

logo-print

Дабничка река претставува опасност


Село Тризла

Село Тризла

Дел од жителите на населбата Тризла во Прилеп живеат во секојдневен страв, затоа што каналот на Дабничка Река е отворен, незаштитен, полн со нечистотија и фекалии. Велат стравуваат од заразни болести, но најмногу стравуваат од несреќи со фатален крај, бидејќи не ретко малите дечиња паѓаат во водата од реката.

Дел од жителите на населбата Тризла во Прилеп живеат во секојдневен страв и неизвесност што ќе им донесе следниот ден, затоа што каналот на Дабничка Река е отворен, незаштитен, полн со нечистотија и фекалии. Велат стравуваат од заразни болести, зашто нивните деца често заболуваат од жолтица, но најмногу стравуваат од несреќи со фатален крај, бидејќи не ретко малите дечиња паѓаат во водата од реката. Каналот се наоѓа толку блиску до нивните куќи, така што доволно е само да се излезе од куќата за да се соочат со опасноста да паднат во каналот.

„Не е заштитено никако, деца редовно ни паѓаат, ама ги гледаме, ги вадиме, ако не го видиш, ќе умри.. едвај мост онде ни направија да врвиме, инаку немавме ни како да поминуваме“, вели Назије Мамудоска.

Дека отворениот речен канал е вистинска опасност во оваа населба каде што живее претежно население од ромска националност, потврдува и Еркан Османоски.

„Не е никако заштитена реката, треба да се заштити...не е прв пат што се случува ова, доста деца има паднато во рекава, ги вадат луѓево.“

Жителите тврдат дека постојано, со години бараат помош од локалната самоуправа за да го реши трајно овој проблем. Но, освен ветувањата на градоначалникот Марјан Ристески, велат ништо конкретно не е преземено.

„Ние баравме преку градоначалникот, оти требаше реката да се прави...реката ни се вети да ни ја направи, а тој реката не ни ја прави. Стално децата паѓаат овде. Ние овде живееме едно 20 фамилии. Ене батакот е онде, не можеме да помине, в продавница не можеме да влеземе, не не примаат“, вели Мустафа Амедоски, еден од повозрасните жители.

Градоначалникот Ристески, пак, демантира дека кога и да било им ветил на жителите дека ќе го покрие каналот, а од локалниот сектор за урбанизам тврдат дека општината е постојано со проблемите на граѓаните. Надлежните велат дека речните корита постојано се чистат и се доведуваат во исправна состојба. Но, посочуваат дека сосем друго прашање е децениското наталожување на проблемите, особено узурпацијата што на тој дел од градот ја врши самото население. Левата страна по течението е зафатена до ивицата на Дабнички канал, што значи дека пристап до каналот нема, а од десната страна постојано се узурпира земјиштето.

„Така да веќе е отежнато движењето на оние најпотребни возила, меѓу кои спаѓа брзата помош, противожарните возила, меѓутоа нашите настојувања не вродуваат со плод, затоа што потребно е да се изврши извесно отстранување на објектите: доградби, гаражи, огради. Така да несовесното однесување на граѓаните на тој дел од градот да не се префрла на локалната самоуправа“, дециден е Илија Карески, раководителот на локалниот сектор за урбанизам.

Тој најавува дека доколку се оцени дека постои ризик за населението, локалната самоуправа ќе преземе активности за поставување на заштитни појаси на водотеците. Но, сепак без помош и заедничка грижа за животната средина како што вели Карески не може да се очекува дека ќе се подобрат комуналните услови во оваа населба. Само за потсетување, во каналот не така одамна, животот го загуби едноиполгодишно детенце.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG