Достапни линкови

Хајд парк – Ваши коментари


Градски автобус
Градски автобус

Наше прашање во рубриката Хајд парк неделава беше: Дали за граѓаните е битно поставувањето бежичен интернет во градските автобуси? Меѓу коментарите, и позитивни и негативни мислења, но заедничко е што граѓаните воедно бараат и подобрување на градскиот превоз.

Хајд паркот на Радио Слободна Европа со прашањето дали за граѓаните е битно поставувањето безжичен интернет во автобусите на градскиот сообраќај во Скопје ќе го заокружиме со малку шегобијната порака на Стефан од Скопје, кој вели „Лап топ за секој пензионер! Потпис: Влада Република Македонија“. Мислам дека Стефан малку алудира на честите пораки што Владата им ги испраќа на граѓаните, токму со овој потпис и дека можеби му е здосадено од нив?!

Но, да не навлегувам во мотивите на овој наш слушател и пишувач на пораки, кога го работев извештајов за вас, почитувани, уште еднаш ја преслушав анкетата со која е проследено нашето прашање: интересно е што за разлика од интернет пораките каде што преовладуваат критички мислења за оваа иницијатива на Владата, во снимената анкета, оние неколкумина млади во најголем дел со согласуваат со оваа идеја, но бараат и нешто друго: подобрување на градскиот превоз. Повозрасните, главно, или не знаат или се согласуваат со тоа, иако не сум баш сигурна дали воошто и знаат што е тоа безжичен интернет.

Од друга страна, нам како на редакција ни е најважно што остваруваме меѓусебна комуникација – ние ви поставуваме прашања, вие на нив реагирате. Иако, вие очигледно имате и свои дилеми и прашања кои, понекогаш, излегуваат од рамките на нашата тема - но, кои сакате да ги споделите со нас.

На пример, Ицо од Скопје во делот каде што го објавуваме прегледот на неделниот печат во неделата ни испратил коментар-реакција во која жали што многу ретко, или никој не ја спомнува систематската теизација на државава и на општеството, а како последица на тоа, и рушењето на секуларниот карактер на нашава држава. Еве на пример, пишува Ицо во пораката, за да има Груевски и неговите пајташи,(иако господине Ицо не се согласувам со употребата на вакви термини кои баш и не се на нивото на Радио Слободна Европа), значи, за да има каде тие да се молат за опрост на своите гревови, продолжува Ицо, сака да изгради и еве, гради, своја црква на плоштадот. За да не останат покусо и Албанците, веројатно нашиот слушател мисли на муслиманите, бараат џамија на плоштадот и враќање на низа објекти и имоти. Зошто да не, заклучува Ицо од Скопје, цитирам, „покрај наивни, глупави и тупави политиканти, може да биде укинато македонството“. Е, сега тука малку не го разбирам Ицо кој прво реагира против теизацијата на државата, а на крајот како да реагира на барањата на припадниците на другата религиозна заедница во земјава. Јас би рекла, секое тенџерче си наоѓа капаче…

Како и да е, на слушателот очигледно му пречи градењето верски објекти на плоштадот и му благодариме што тоа го споделува со нас. Инаку, во анкетета, што на нашата веб страница е отворена, исто така за вас, почитувани, на прашањето дали сте за предвремени избори, посетителите, речиси се пола на пола: 45 отсто се за, а 47 отсто не се за предвремени избори. Ќе видиме како ќе се движат процентите понатаму, но сега разликата е само два насто, а што може тоа да значи, дали сакате нова власт или не – сами си знаете.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG