Достапни линкови

logo-print

Кого ќе уапси следната власт? На оваа тема во најновиот број се занимава неделникот Фокус, илустрирајќи ја насловната страница со ликовите на премиерот Груевски, Мијалков, Ставрески и Јанакиевски. Прочитајте, какви теми изминатава недела понудија неделниците.

Неделникот Фокус, во најновиот број се занимава со претпоставените кандидати што следната власт би можела спектакуларно да ги уапси, илустрирајќи ја насловната со ликовите на премиерот Груевски и на министрите Мијалков, Ставрески и Јанакиевски во класични затворски облеки со црно-бели линии и со синџири на рацете. Непишано правило е, вели Фокус, да се апсат само поранешни функционери, а најмногу докази за потврдување на оваа теза можеме да понудиме ние, како држава. Неделникот смета дека во овој момент можеби е неверојатна смена на власта, но сепак решил да ги постави чиновите на идната корупциско-одмаздничка драмолетка на актуелнава власт, па набројува единаесетина, а јас поради ограничената минутажа ќе пренесам само неколку: мазутот купен од Окта за 20 милиони државни евра со договор во четири очи, откритието на државниот ревизор што Груевски успешно го криеше се' дотогаш, дека на кампањи во медиумите се потрошени 18 милиони евра, за фискалните каси се смета дека 6 милиони евра отишле во џебовите на само неколку фирми, проектот 100 илјади компјутери за училиштата – 30 милиони евра, дека од тендерот за двокатните автобуси бизнисмен близок до власта ќе ќари 23 милиони евра, ќе се потрошат 30 милиони евра повеќе затоа што Владата купува медицинска опрема поскапа од онаа што ја набавуваат приватните болници, проектот Скопје 2014 според Владата ќе чини 80, а според опозицијата 200 милиони евра…

Форум објавува дека поседува документ потпишан од министерот за правда, Маневски во кој тој наредува да се проверат личните податоци од списоците на гласачите што на Министерството му ги испратило МВР. Ова го наведува неделникот да заклучи дека наесен сепак ќе има вонредни парламентарни избори, иако никој официјално не го потврдува тоа. И иако, забележува Форум, за ваквите гласишта власта секогаш има бекап дека тоа се прави во согласност со сугестијата на ОБСЕ за прочистување на Избирачкиот список.

Неделникот Глобус уште на насловната најавува нова афера со насловите: „Дрога, пари, моќ и симболи“ - „Афера Хабло - 20 илјади долари на раката на Љупчо Тодоровски“. Глобус е поттикнат од фотографијата објавена во дневните весници на директорот на Бирото за јавна безбедност, во друштво со министерката Јанкуловска и – со часовникот на својата рака од престижната марка Хабло, кој чини околу 24 илјади долари, па прашува: како еден полициски функционер си дозволил часовник кој чини колку седумдесетина просечни плати на Македонците кои ја имаат таа среќа да работат и да примаат плата? И дали некој во МВР е свесен какви импликации во јавноста може да има ваквото перчење и „фраерско“ однесување во држава во која пред Владата и Собранието се редат незадоволници од сите провиниенции, а власта се обидува да ги пополнува дупките во буџетот со издавање обврзници и со „дисциплинирање“ на граѓаните со неверојатно високи казни за се и сешто?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG