Достапни линкови

logo-print

Дневен печат – Опозицијата нема да учествува на координациите


Речиси сите дневни весници на насловните страници информираат за решението на опозицијата да не учествува на партиските координации во Собранието, поради одлуката на Парламентот повеќе да не да не ја разгледува завршната сметка на годишниот буџет како и ревизорските извештаи.

Нова Македонија и Дневник на насловните страници информираат за решението на опозицијата да не учествува на партиските координации за работата на Собранието, подвлекувајќи дека од понеделник координацијата ќе се одвива меѓу припадници на истата, владејачката партија - претседателот Трајко Вељаноски и координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева. Опозицијата реагираше на овој начин откако парламентарното мнозинство одлучи парламентот повеќе да не ја разгледува завршната сметка на годишниот буџет со што граѓаните не ќе имаат увид во трошењето на народните пари, ниту пак ќе ги разгледува ревизорските извештаи во кои постојано се констатираат незаконски и ненаменски трошења на државните институции. Дневник ги пренесува и мислењата на експерти кои сметаат дека оваа одлука е погубна за Македонија, а Утрински во едиторијалот констатира дека на овој начин се доведуваат во прашање основните постулати на функционирањето на демократијата во земјава, па дури и исполнувањето на Копенхашките критериуми без кои не се може ни чекор напред кон ЕУ. Со ваквото манифестирање на волјата на власта политичкиот дијалог кој и онака е на стаклени нозе воопшто не се подобрува - напротив.

„Владата влегува до гуша во долгови“ е насловот на информацијата во Утрински дека Владата деновиве се задолжила со нови 44 милиони евра преку аукција на државни записи, но веќе утредента требала да врати 40 милиони евра по основа на достасаните обврски. Утрински прашува дали ваквото земање и враќање пари не значи дека во буџетот нема доволно средства за тековните трошоци, поточно за плати и пензии.

Медиумите се занимаваат и со закажаната лидерска средба за уставните измени коишто треба да го опфатат Судскиот совет. Време пишува дека премиерот нема да се пазари за Баденетер, а Вечер дека ДУИ и Нова Демократија барале Уставниот суд и Судскиот совет да одлучуваат со Бадентерово мнозинство.

Вечер на насловната објавува: „По случајот со грчките специјалци, Атина со апел Скопје да не го преувеличува инцидентот“, додека Нова Македонија со поинаку интонирани текстови - дека војниците што на парадата извикуваа пароли против Албанците и Македонците не само што се суспендирани, туку ќе бидат предадени и на воен суд. Истиов весник објавува дека Абецедарот што 1926 година го објави Грција за своето македонско малцинство, но потоа беше повлечен, е објавен на интернет страницата на дигиталната библиотека на грчкиот Парламент и тоа класифициран во делот за прашањата за македонското малцинство, образование и македонски јазик во Грција.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG