Достапни линкови

Лидерска средба за уставните измени


Лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија – Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Имер Селмани од Нова демократија, на денешната лидерска средба, ќе разговараат за предлогот да се измени Уставот во делот што се однесува на Судскиот совет.

Со измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ, се предвидува да се зголеми бројот на членови на Судскиот совет што ќе бидат избрани од страна на судиите, министерот за правда да не биде член на Советот и мандатот на членовите на Советот да трае помалку од 6 години.
Кога ќе се седне на маса, без присуство на јавноста и потреба од популистички изјави за партиски цели мислам дека сепак ќе се договорат тие измени да бидат направени, бидејќи во крајна линија во 2005 година, кога без судските измени на Уставот, релативно мазно тоа помина.

Судскиот совет сега има 15 члена. Осум од нив се избрани од судиите, тројца од Собранието, двајца судии членуваат во Советот по предлог на Претседателот на државата, а по функција во советот членуваат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.
Во владејачката партија велат дека целта на измените е да се зајакне независноста на Советот.

Лидерот на Нова демократија Имер Селмани, уште на минатомесечната лидерска средба побара дополнителни измени на Уставот, со цел уставните судии да одлучуваат по бадентеровиот принцип. Од тогаш и Ахмети и Црвенковски и Селмани излегоа со нови предлози за измени на Уставот, а партиски функционери од нивните партии брифираат дека нивната подршка на измените во делот на Судскиот совет ќе зависи од подршка на нивните предлози.

Дел од експертите предупредуваа дека секое чепкање во Уставот ќе ја отвори пандорината кутија на бесконични предлози за менување.
Од друга страна, доцент Здравко Савески од Универзитетот ФОН смета дека измените во делот на Советот ќе бидат донесени и покрај сите натегања во јавноста. Тие промени се бараат и од меѓународниот фактор, а за македонски прилики тоа е сериозен поттик за некоја работа да се заврши, вели Савески.

„Кога ќе се седне на маса, без присуство на јавноста и потреба од популистички изјави за партиски цели мислам дека сепак ќе се договорат тие измени да бидат направени, бидејќи во крајна линија во 2005 година, кога без судските измени на Уставот, релативно мазно тоа помина.“

Минатомесечната лидерска средба на истата тема заврши без договор. Лидерот на опозицискиот СДСМ Бранко Црвенковски тогаш побара да го види предлогот за измените на писмено.

Извори од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пред околу една недела, на државната новинска агенција МИА и кажале дека нивниот предлог за уставните измени веќе е подготвен. Премиерот Груевски, пак, неодамна рече дека ако прифаќањето на измените во делот на Судскиот совет се условува со други измени, Уставот воопшто нема да се менува.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG