Достапни линкови

logo-print

Киргистан има нова влада


Бишкек 07.04.10

Бишкек 07.04.10

Опозицијата во Киргистан соопшти дека премиерот Данијар Усенов си поднесол оставка, и дека Претседателот Курманбек Бакијев го напуштил главниот град Бишкек. Еден од лидерите на опозицијата, Темир Саријев рече дека премиерот Усенов потпишал оставка и оти е формирана нова влада на чело со поранешната министерка за надворешни работи Роза Отунбаева.



Најмалку 40 загинаа денеска во Киргистан при судири меѓу полицијата и приврзаници на опозицијата, потврдија од киргистанското Министерство за здравство. Од опозициските партии во земјата, од друга страна, во изјава за новинските агенции, тврдат дека во денешните судири во главниот град Бишек загинале сто лица. Шефот за надворешни работи на Европската Унија Кетрин Ештон, генералнјиот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун и рускиот премиер Владимир Путин изразија загриженост за состојбата во земјата. Портпаролот на Пентагон Брајан Витман изјави дека Соединетите американски држави внимателно ја следат состојбата во Киргистан. Во земјата беше прогласена вонредна состојба.

Претседателот на Киргистан Курманбек Бакиев, според последните информации во средата вечер заминал од Бишкек, а владата си поднела оставка. Тој претходно наредил воведување вонредна состојба во главниот град Бишкек и во уште три други области каде што анти-владините протести прераснаа во насилни. Една жена очевидец изјави:

„Имаше 300 или 400 мажи кои дејствуваа против демонстрантите и не знам дали беа полицајци или војници. На претставниците на ОБСЕ им кажавме: Дали ја обучувавте нашата полиција вака да се однесува?”

Дописникот на Радио Слободна Европа јави дека до престрелката дошло кога демонстрантите се обиделе да го пробијат полицискиот кордон пред претседателската палата. Две телевизиска станици во Бишкек ја прекинале програмата, откако демонстрантите упаднале во зградата на државната телевизија. Во северо-западниот град Талас, каде што вчера имаше нереди, дописникот на Радио Слободна Европа јави дека министерот за внатрешни работи Малдомуса Конгантиев и гувернерот биле истепани пред локалната полициска станица, која исто така била заземена од демонстрантите. И во северо-источниот град Нарин, како и во Токмок и Ош, демонстрантите ги зазеле административните згради. Во текот на изминатата ноќ полицијата ги уапсила клучните опозициски лидери, вклучувајки го и поранешниот премиер Алмаз Атамбаев. Актуелниот премиер Данијар Усенов, претпладне во Парламентот изјави дека двајца од опозиционите лидери признале оти имале намера да ја преземат власта во земјата.

„Вчера донесовме одлука да уапсиме неколкумина лидери на опозициони партии. Двајца од нив признаа дека сакале да ја превземат власта во целата земја.



Опозиционата лидерка Роза Отунбаева се крие од полицијата за да не биде уапсена, изјави една од демонстрантките во Бишкек.

„Ние ја криеме Роза Отунбаева бидејки властите ги прекршија сите принципи на Уставот на Киргистан.“

До нередите во Киргистан доаѓа по повеќенеделните тензии меѓу опозицијата и владата на претседателот Бакиев, поради затворањето на независните медиуми и растечката корупција во земјата. Бакиев дојде на власт со народната револуција во 2005-та година, кога беше соборен претседателот Ашкар Акаев, кој беше обвинет за корупција и непотизам. Русија, Соединетите Држави и Обединетите Нации повикаа на смирување на ситуацијата, а властите на Киргистан да се воздржат од употреба на сила. Соседните земји, Казахстан и Узбекистан ја зголемија безбедноста на границите со Киргистан.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG