Достапни линкови

Неделен печат – „Страсна недела“


Ова е насловот на анализата во неделникот Форум, посветена на средбите на верските лидери со лидерите на политичките партии. Тајна остана конверзацијата на дедо Стефан, пишува Форум, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. И останатите неделници пренесуваат анализи на оваа тема.

И неделниците се заинтригирани од неодамнешните зачестени средби на верските лидери со лидерите на политичките партии, за кои сите одбиваат да кажат за што разговарале. Неделникот Форум, со наслов „Страсна недела“, пишува дека постите во последната, страсна недела пред Велигден, за владиците на МПЦ минуваат, покрај црковните обврски за големиот празник, и во обид да ги избегнат прашањата и дилемите на јавноста – отворени по серијата „тајни“ средби со политичките партии. Неделникот пишува дека црковно-опозиционата средба затекнала и некои владици со кои контактирал неделникот и само претпоставува дека тема на средбата со опозицијата, би можела да биде барањето поддршка за воведување на веронауката во училиштата, инаку, одлука на актуелната Влада, која Уставниот суд двапати ја укинува. Тајна остана конверзацијата на дедо Стефан, забележува Форум, не со премиерот Груевски, туку со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Баравме одговор од владината служба за односи со јавноста, но не добивме, наведува Форум.

И Глобус, на насловната ја најавува подолгата анализа под наслов „МПЦ во потрага по загубената рамнотежа – Црквата врти лево“, претпоставувајќи дека е можно поглаварот Стефан да сфатил дека „бракот“ со ВМРО-ДПМНЕ станува контрапродуктивен и дека е подобро ако МПЦ малку се дистанцира. Во анализата, неделникот изнесува и интересна теза дека нема да биде изненадување ако Груевски, многу скоро, почне да влече потези кои сериозно ќе го разнишаат тронот на Стефан.

Фокус, покрај другите теми, обработува исто така една многу актуелна деновиве: состојбите во нашето здравство. „Наместо да се убијат лебарките, лебот го изедоа советниците“, го најавува неделникот текстот со наслов „Само консултантите се офајдија од силните идеи за реформи во здравството“, па обелоденува дека стотици илјади евра се исплатени како хонорари за консултантски услуги, пари од буџетите на болниците, од Фондот за здравство, од Министерството за здравство и од кредити, кои граѓаните допрва ќе ги враќаат, без да знаат каде воопшто се потрошени. Оние кои ги ангажирале, пишува Фокус, веројатно ќе одговорат дека консултантите биле успешни, иако досега никој не виде аир од силните реформи и изгледа е време за конечно реформирање на „реформаторите“, смета неделникот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG