Достапни линкови

Петар Арсовски, комуниколог


Наместо читање на вашите пораки, почитувани, денеска малку „жив“ разговор со комуникологот Петар Арсовски, токму на темата зошто пишувате по веб-страниците на медиумите, па и на нашиов. На луѓето им недостига меѓусебна комуникација и комуникација со институциите на државата Ние и натаму остануваме поврзани со вас - токму преку вашите пораки.

Господине Арсовски има многу Интернет реакции на веб страницата на Радио Слободна Европа по средбата Груевски – Папандреу во Брисел. Кое е вашето мислење како комуниколог? Зошто народот вака комуницира преку Интернет?

Видете, Интернетот е едно од најлесните средства за двонасочна комуникација. Мислам дека главна причина за тоа граѓаните да комуницираат преку Интернет е што е тоа најлесно достапен медиум и до кој секој има најлесен пристап. Леснотијата на пристапот го дефинира квантитетот на комуникација.

А, што е тоа што ги поттикнува едни на други да си одговараат наместо да се сконцентрираат врз темата која е поставена?

Знаете како, многу често, луѓето го користат форумот на Интернет како место за меѓусебна комуникација, не само на темата. Мислам дека тука владеат емоциите и дека како што се развива Интернетот во еден социјален медиум, владее и малку повеќе интер човечка комуникација, наместо комуникација човек – институција.

Значи ли тоа дека на граѓаните им недостига комуникација со институциите?

Апсолутно. Интернетот меѓу другото е замена за суштинската потреба на луѓето за двонасочна комуникација со институциите. Тие тоа го доживуваат како субститут.

На нашиот веб сајт се забележуваат поумерени пораки од слушателите на радиото. Меѓутоа, на други сајтови се забележуваат неверојатно непристојни зборови, грубост во обраќањето и меѓусебната комуникација. Има ли некоја шема во ова?

Квалитетот на комуникацијата на веб сајтот на одредена институција или медиум правопропорционално ја одразува висината и квалитетот на комуникација во самиот медиум. Што значи, имајќи предвид дека Радио Слободна Европа е еден малку повоздржан, условно речено, повоспитан медиум, таа култура на комуникација паралелно се пресликува и на вашиот веб сајт. Тоа е првата причина, а втората е дека медиум кој има воспитано однесување, во принцип привлекува и воспитана публика.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG