Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Предизборие во пет слики


Весници

Весници

Ова е насловот во неделникот Глобус, поради актуелноста на прашањето дали во Македонија ќе има или ќе нема вонредни избори. Поентите на весникот се дека Македонија во последниве четири години живее во бесконечна кампања и дека прашањето за изборите е како филм.

Иако Глобус, на насловната со интригантски наслов околу неразјаснетиот атентат врз првиот претседател на самостојна Македонија, Глигоров, го загатнува прашањето што мислел неговиот син Владимир во својата колумна, кога тврди дека татко му сакал да се нагоди со атентаторите, изборот за овој преглед падна врз текстот насловен како „Предизборие во пет слики“, поради актуелноста на прашањето дали во земјава ќе има или ќе нема вонредни избори. Поентите на неделникот се дека Македонија во последниве четири години живее во бесконечна кампања и дека прашањето за изборите е како филм. Глобус смета дека клучниот заплет на тој филм почнал со враќањето на Црвенковски на опозициското кормило и неговото влегување во директен дуел со Груевски. Политичката ситуација е наелектризирана до степен кога е неминовна изборна катарза, заклучува во најновото издание неделникот Глобус.

Форум објавува анализа за состојбите во ДУИ, коалиционен партнер на Груевски во Владата, па вели дека кај интегративците врие на сите страни и дека Ахмети се обидува да воведе дисциплина против гласното незадоволство од позицијата во власта и со партиски арач за оние негови членови кои се на владини функции, иако веста нема официјална потврда. Неделникот ја цитира Ермира Мехмети која изразува надеж дека до јуни, спорот со Грција ќе биде решен и оти дотогаш ја прифаќаат актуелната политика на национализам, доколку крајната цел е да се реши спорот. Доколку тоа не се случи, вели Ермира Мехмети, ДПМНЕ, во интерес на државата ќе мора да ја преиспита сопствената политика во однос на меѓуетничките односи, бидејќи ДУИ не би сакала ситуација во која на македонскиот национализам ќе му одговори албански национализам.

Фокус се држи до традицијата, па во последниот број објавува голем напис за криминалот на Латас и на неговите газди, Ѕинго и Бојо Андревски, врз база на писмото што бизнисменот Зоран Азманов му го испратил на скопскиот јавен обвинител. Имено, Азманов, револтиран од пишувањето на Латас, открива дека за да се покрие криминалот при приватизацијата на Силекс, Ѕинго им платил три милиони марки на Љубчо Георгиевски и на Љубе Бошкоски, кој на времето, по упадот во Силекс во Кратово ја собра во црни вреќи целата документација на Комбинатот. На Андревски, во писмото до обвинителот, Азманов му ја пребројува ергелата скапи автомобили пред куќата на Водно и пред факултетот на заставникот, како што пишува, и го обвинува дека продавал факултетски дипломи, а за Латас наведува дека почнал да го рекетира, откако одбил да му продаде стан за неговата ќерка по многу пониска цена.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG