Достапни линкови

logo-print

Македонија (не)безбедно место за живеење?


Македонска полиција

Македонска полиција

Низ улиците на Скопје зачестија вооружените грабежи на банки, а во Македонија минатата година, според податоците на МВР имало 36 убиства. Експертите велат дека полицијата мора да покаже поголема ефикасност во откривањето на сторителите, а судството мора да изрекува максимално строги казни за намалување на криминалитетот.

Кого кој, ако не својот свој!? Оваа народна изрека најдобро би ги отсликала убиствата во Македонија во 2009 година. Според статистиката на МВР, 15 од 36-те извршени убиства минатата година се случиле меѓу членови на семејството. Девет убиства, пак, следувале по расправии меѓу луѓе што се познавале од претходно. И покрај неверојатната бруталност која ги карактеризира дел од овие убиства, граѓаните и експертите не гледаат причина за страв. Нив повеќе ги плашат престрелките што се случуваат на фреквентни места пред очите на стотина случајни минувачи. Портпаролот на МВР Иво Котевски, пак, вели дека бројот на убиства во Македонија континуирано се намалува во последните неколку години.
Во текот на 2009 година задржан е позитивниот тренд на континуирано намалување во однос на изминатите години


„Во текот на 2009 година задржан е позитивниот тренд на континуирано намалување во однос на изминатите години.“

Зачестени грабежи на банки

Полициската статистика вели дека минатата година во земјава имало 36 убиства, исто колку што имало и во 2008. Велат дека од нив се решени 33 случаи, при што се поведени постапки против 40 луѓе. Убиствата најчесто се извршени со огнено оружје. Во полицијата велат дека карарктеристично за 2009 година е тоа што во 5 случаи, по извршувањето на убиството, сторителите се самоубиле. Минатата година ја обележа и појавата и апсењето на осомничен сериски убиец.

Најмногу од убиствата, односно 12, се случиле во Скопје. Второто место го делат Битола и Тетово со по 5 убиства во 2009. Според податоците на агенцијата за статистика на ЕУ, Еуростат, најмногу убиства во Македонија во последнава деценија имало во 2003 година, кога биле убиени 70 луѓе. Од 2004 до 2007, бројот на убиства се движи меѓу 42 и 49. Податоците на Еуростат за периодот 2005-2007 година велат дека во Скопје просечно се случувале по 18 убиства годишно, односно по повеќе од 3,5 убиства на 100 илјади жители. Со тоа, меѓу главните градови од Европа, Скопје го заземаше 6-тото место според бројот на убиства на 100 илјади жители. Во изминативе две години, бројот на убиства во Скопје е намален на помалку од 2,5 на 100 илјади жители.

Последниве неколку месеци, пак, ги обележаа грабежите на банки. Сценариото на сите грабежи е речиси идентично – маскирани воружени разбојници упаѓаат во банките, под закана со оружје ги собираат парите и се губат во непознат правец. Граѓаните на шега велат дека изминативе месеци не остана банка во Скопје што не била ограбена. Се добива впечаток дека криминалот во Македонија е во подем. Од друга страна пак, Котевски вели дека статистиката на МВР го покажува токму спротивното.

„Може да констатира намалување од околу 4% на кривични дела од областа на класичен криминал извршени во 2009 во однос на 2008 година.“

Граѓаните имаат поделени мислења за тоа, колку е безбедно да се живее во главниот град.
Сега тоа се инцидентни случаи, но сепак како да зачестува.


„Никогаш не се дознава кој го направил тоа. Убиства се случуваат и во многу поцивилизирани општества така што и во Македонија тоа би требало до некоја мерка, да биде релативно нормално.“

„Тоа што во последно време се случуваат грабежи на банки мислам дека е релативно нормална појава што се случува секаде во светот.“

„Сега тоа се инцидентни случаи, но сепак како да зачестува.“

„Безбедно е. Скопје е безбедно.“

,,Нема што да крадат од нас, немаме толку пари за да не крадат.“

Сепак, поисплашени се оние кои биле сведоци на престрелки или биле во нивна близина. Нашиот соговорник работи на улица Партизанска, во непосредна близина на местото каде што се случи последното убиство, а во близина на неговото работно место, деновиве повторно беше ограбена банка. Тој нагласува дека имало брза полициска интервенција, но дека стравот кај него постои.
Се чувствувам несигурно бидејќи пред една година вакви случувања беа познати само на филм и на телевизија, а дека ќе се случи вакво нешто каде што живеам, каде што работам, мислев дека тешко дека ќе се случи. Сега сериозно треба да се размисли при влегување во банка


„Се чувствувам несигурно бидејќи пред една година вакви случувања беа познати само на филм и на телевизија, а дека ќе се случи вакво нешто каде што живеам, каде што работам, мислев дека тешко дека ќе се случи. Сега сериозно треба да се размисли при влегување во банка за плаќање сметка и треба да се размислува за електронско плаќање бидејќи така е побезбедно или пак евентуално да набавиш панцир и да шеташ по скопските улици.“

Поранешниот началник на националното биро на Интерпол во Македонија, професор Душко Стојановски вели дека разбојништвата постоеле и ќе постојат секаде во светот.

„Тоа не е нова работа, се случувало и ќе се случува, само што во последно време зеде замав.“

Полицијата тврди дека е ефикасна, експертите не го делат тоа мислење

Иако, полицијата вели дека е ефикасна, дел од експертите не го делат тоа мислење. Според нив, веројатно и криминалците сметаат дека нема да бидат фатени, штом толку лесно посегнуваат по банките.
Професорот по социологија на девијации Нелко Стојановски вели дека вината треба да се бара и во полицијата, но и во неефикасното судство. Ниту се откриваат на време, ниту пак се изрекуваат адекватни санкции, вели Стојановски.

„Лошата економска ситуација, можноста некој да го направи тој чин, а да не биде откриен дава шанса многумина да преземаат вакви ризични акции, дури и во сред бел ден, да прават разбојништва на банки, на штедилници, на кладилници, значи онаму каде што се вртат повеќе пари. Ќе видите дека мал е процентот на откриеноста и тоа дава шанса за оние што се похрабри, а дел и на скопското и македонско подземје да преземаат такви чекори.“
Лошата економска ситуација, можноста некој да го направи тој чин, а да не биде откриен дава шанса многумина да преземаат вакви ризични акции, дури и во сред бел ден, да прават разбојништва на банки, на штедилници, на кладилници, значи онаму каде што се вртат повеќе пари.

Сличен став дели и професорот по безбедност Владимир Пивоваров. Тој вели дека ако праксата покаже дека криминалците брзо се откриваат и брзо се осудуваат на максимални казни, ќе се обесхрабрат да прават вакви кривични дела.

„Од година во година ефикасноста на МВР се намалува, тука е главниот проблем и еднаш треба да се седне на маса и да се решат овие проблеми. Значи од кадровски аспект и од едукација, значи од сите аспекти треба овие прашања да ги решиме и дури тогаш ќе имаме вистинска полиција која ќе има голема ефикасност и доверба кај граѓаните.“

Експертите посочуваат дека вината треба да се бара и во партизираноста и непрофесионалноста на дел од полициските кадри. Велат дека улога има и недоволниот број школувани криминолози во полицијата. Во МВР, пак, се децидни дека ни еден кандидат што не ги исполнува условите не може да биде вработен и дека тие што ќе се огрешат од законот ќе бидат соодветно казнети. Истиот став го имаат и во Министерството за одбрана, иако во последното убиство на Партизанска и во грабежот на банка во Мавровка беа вмешани припадници на АРМ.

„И двајцата припадници на АРМ во моментот кога пристапиле во Армијата, ги исполнувале сите услови“, вели портпаролот на Министерството за одбрана Сашко Димов.

Професор Душко Стојановски вели дека е загрижувачки што има оружени престрелки и грабежи среде бел ден и при голема фреквенција на луѓе. Не може да кажеме дека полицијата не реагира на тоа, вели Стојановски.

„Овие проблеми треба да се решаваат системски, да се има континуирана борба, да се оди со една добра кадровска екипираност на министерството и да се даде соодветен стимуланс на тие луѓе што работат на такви работни места, знаејќи колкави се нивните примања.“
Овие проблеми треба да се решаваат системски, да се има континуирана борба, да се оди со една добра кадровска екипираност на министерството и да се даде соодветен стимуланс на тие луѓе што работат на такви работни места, знаејќи колкави се нивните примања.

Со него се согласува и професор Стефан Буџаковски. Тој вели дека јавните убиства се показател дека нетрпеливоста меѓу криминалните групи дошла до крајна точка.

„Тој што презел дејство да изврши убиство сред бел ден не претпоставува дали некој друг ќе загрози, бидејќи тој јавно го експонира извршувањето на кривично дело.“

Сепак, професорот Душко Стојановски вели дека вината не треба да се бара само во полицијата. Банките преферираат да ги осигураат парите, наместо да инвестираат во современи системи за заштита и безбедност, вели тој.

„При што не се води сметка што се случува со оние службеници што ќе добијат уперен пиштол во нив, кои некогаш ќе мора да легнат на подовите, што ќе мора да живеат со преживеаните шокови, нема цена што може да им се плати на тие луѓе.“

Поврзаност на криминалните и политичките структури?

За најголем дел од нерасветлените убиства, грабежи и експлозии, во јавноста се шпекулира дека се дел од пресметки меѓу организирани криминални групи. Неофицијално, се шпекулира и со поврзаност на дел од криминалните стуктури со политички структури кои ги штитат. Професор Душко Стојановски вели дека е нормално, криминалните структури да се обидуваат да дојдат до секаква поддршка.

„Дека станува збор за некаква заштита не можеме генерално да кажеме. Факт е дека подземјето секогаш наоѓа некаква врска со политичките структури, било да се на власт или опозиција, колку е таа врска и тоа е знак прашање нели?“
Факт е дека подземјето секогаш наоѓа некаква врска со политичките структури, било да се на власт или опозиција, колку е таа врска и тоа е знак прашање нели


Буџаковски, пак, е дециден дека не може да постои организиран криминал, ако нема врски со политиката, полицијата и судството.

„Дејствувањето на организираните криминални групи, никогаш не стојат надвор од политиката и од врските со политичките структури, како и со полициските и со судските структури итн. Секогаш имаат одредени допирни точки, а за кавки допирни точки станува збор тоа треба да се истражува.“

Резултатите од неодамнешната анкета што ја спроведе институтот Димитрија Чуповски покажуваат дека граѓаните, односно речиси 11 отсто од нив, имаат најголема доверба во Армијата и во верските институци. По нив следува Владата, па полицијата на која најмногу и веруваат 8,3 отсто од испитаниците.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG