Достапни линкови

Време е Еулекс да да го смени начинот на дејствување, оценуваат дел од косовските аналитичари, додавајќи дека во спротивно не ќе може да се бори против криминалот и другите негативни појави на Косово. За Србите, Еулекс не е статусно неутрален.

И покрај тоа што Еулекс од декември 2008 година стана во целост функционален, и албанската и српската страна на Косово оценуваат дека оваа мисија не го остварува својот мандат. Србите зборуваат за дејствување кое не е статусно неутрално, а некои аналитичари во Приштина се на мислење дека резултатите од досегашното дејствување на Еулекс се многу мали.

Директорот на косовскиот центар за безбедносни студии Рамадан Ќехаја вели дека проблемите кои произлегуваат од дејствувањето на паралелните структури на северот на Косово можат да се решаваат само доколку полицијата го смени пристапот кон ова прашање.

„Пристапот на Еулекс треба да се смени и да биде порешителен во борбата на паралените структури кои всушност се структури на државата Србија кои дејствуваат во тој дел. Доколку тоа не се случи Еулекс не може да ја остварува својата мисија.“
Пристапот на Еулекс треба да се смени и да биде порешителен во борбата на паралените структури кои всушност се структури на државата Србија

По објавувањето на стратегијата за северот на Косово, Еулекс соопшти дека не учествувал во нејзината изработка и оти не стои зад неа. Деновиве, пак, непознати лица нападнале едно возило на Еулекс на контролниот пункт кај Зубин Поток. Истовремено, за Србите од северот на Косово, Еулекс е неприфатлив.

„Ние едноставно како српски народ кој живее на овој простор, а ми се чини и пошироко сметаме дека Еулекс е институција која не е статусно неутрална, туку како што пишува во планот на Марти Ахтисари, за создавање на уште една албанска држава на Балканот“,

вели еден од лидерите на косовските Срби Марко Јакшиќ, кој е и еден од 70-те илјади потписници на петицијата против Еулекс.

Токму ваквото спротивставување на косовските Срби, но и на официјален Белград, според Рамадан Ќехаја, го оневозможува Еулекс да спроведе некои од своите задачи на северот на Косово, како на пример целосната функционалност на Окружниот суд во Митровица.

Ќехаја не ја исклучува можноста од натамошни напади врз Еулекс како израз на незадоволството на Србите со неговата работа, но и поради фактот дека Белград по учеството на Србите на изборите јужно од Ибар, сета своја активност ќе ја насочел кон северот на Косово, каде што може да го задржи своето влијание.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG