Достапни линкови

„Хајд парк“ – Ваши пораки


Денеска - ново читање на вашите пораки. Темата е позната, меѓуетничките односи и дали некому одговара да се такви какви што се. Во пораките точно ја погодувате срцевината: да, тие не се на потребното ниво, да, на политичарите им одговара меѓуетничка несигурност, за да се има постојано силен адут кога им треба во политиката.

На пример, Морис од Скопје смета дека Владата е виновна за меѓуетничките односи и дека таа, како избрана од народот, треба повеќе да работи на тој план. Но, тој смета дека Албанците ги газат, како што пишува, Македонците заради исполнување на процентот Албанци во државната администрација, потоа, дека и едните и другите се оптоварени не само од војната, веројатно Морис мисли на конфликтот во 2001-та, туку и од комплетната историја. Морис ја погодува поентата кога пишува дека двете заедници не се познаваат и затоа етнички, вели се мразат, а само се почитуваат заради братството и единството наследено од комунизмот. Во писмото потпишано со НИН, упатено исто така од Скопје, пишувачот ги обвинува медиумите, меѓу нив и нашиов, дека фрлале искри. Не ми е јасно што му забележува господин НИН на Радиово, како што не знам како соживотот во Македонија бил веќе 3 илјади години на високо ниво???!!! – како што пишува НИН во Хајд Паркот.

Фатмир од Гостивар многу убаво вели дека секој треба да си ја гледа својата работа и ќе нема проблеми. „Овија политичариве“, пишува Фатмир, „не не оставаат да си ја гледаме работата, ќе ни направат фрка, а тогаш, не знам кај ќе ни биде крајот“. Миле од Охрид смета дека темава оркестрирано се отвора од медиумите за да се дестабилизирала Македонија, за полесно да попушти под притисокот за името и дека меѓуетничките односи биле најдобри од која било соседна земја или, дури, членка на ЕУ. Арно ама, некој безимен од Скопје, одговарајќи му на Миле вели дека тој е оркестриран и дека не станувало збор за името, туку дека некој намерно прави да се скараме и дека „кога не ги бива за фабрики, тоа ти е„, вели непотпишаниот. „Зошто инаку сега би отворале прашања за енциклопедии, за градби, за воведување од второ полугодие на прво одделение учење албански јазик…“ додава безимениот. Некој друг Миле, пак, од Скопје ја фрла стрелата право во целта: смета дека кога нема работа и егзистенција криви ни се оние од другата нација. На власта, пишува Миле од Скопје, секогаш и' одговара да се караме меѓу себе, оти така никој нема да им обрнува внимание на министрите колку и да крадат.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG