Достапни линкови

Дневен печат - „Скопје - лидер на Балканот“


Весници

Весници

Со ваков наслов весникот Дневник ја објавува веста за најновото убиство во Скопје кај Универзалната сала. Весникот пренесува анализа на ЕВРОСТАТ дека во 2006 и 2007 само во Скопје имало повеќе убиства отколку во цела Словенија. Економијата, е втората тема што доминара во дневните весници.

Колку и да не сака новинарот, прегледите на дневниот печат го опфаќаат она што доминира во него, а тоа, во случајов се темите од нашето секојдневие – кое, изгледа, станува баш возбудливо, и крваво, особено во главниот град. Затоа, „Скопје-лидер на Балканот“ е насловот во Дневник по најновото убиство во епицентарот на градот, кај Универзалната сала. Имено, весникот ги пренесува анализите на Евростат дека во 2006 и 2007, само во нашиот главен град имало повеќе убиства отколку во цела Словенија во тие две години и дека Скопје е на шесто место на листата европски градови со најмногу убиства по глава на жител.

Економијата е втора главна тема: „Странците не' прелетуваат“, пишува исто така Дневник за тоа дека нашата контрола на летање, минатата година опслужила 10 пати повеќе прелети отколку полетувања и слетувања од скопскиот и охридскиот аеродром.

„На три недели пред Велигденските празници, кланиците се исплашени поради намалената побарувачка на јагнешко во Италија и во Грција“, пишува Вечер, а истиов весник објавува и дека угостителите имаат нови забелешки на Законот за заштита од пушењето, за тоа дека „Кафулињата се празни, а младите одат на забава во соседните земји“ поради забраната за пушење во затворено. Вечер, инаку, три-четири дена по ред се занимава со престојот на охридскиот градоначалник во Австралија за време на поплавите во градот и неговата околина и за тоа дека Петрески, наводно, не го слушал својот партиски шеф Црвенковски.

„Владата го прекршува законот“, јавува Време, поради доцнењето на платите на буџетарите: здравство, образование, агенциите и фондовите до 15 во месецов, кога е законскиот рок да се поделат платите, ги немаат земено основните средства за живот.

„Економските промотори стануваат се' поскапи“, пишува Дневник за тоа дека Агенцијата за странски инвестиции до крајот на следната година ќе потрошела 100 илјади евра за изработка на стратегија, а за нејзиното спроведување ќе биле потрошени уште 2 милиони евра.

Време објавува дека проектот Скопје 2014 се гради на вересија, односно дека според податоците на Стопанска комора на Македонија долгот на државата, односно на Владата, кон градежните компании надминува 100 милиони евра.

Утрински пишува дека Јавното обвинителство не нашло криминал во Транспорт и врски , откако лани, опозицискиот СДСМ објави документи дека ова министерство е центрифуга за перење на владините пари и дека криминалот тежи 21 милион евра.

Само некои весници објавуваат делови од годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во земјава, поточно дека одложувањето на судските реформи, политички притисоци, корупција и заплашувања во судството, корупција и малтретирање по затворите, употреба на прекумерна сила на полицијата, влијание на власта и бизнисот врз медиумите, затегнати меѓуетнички односи – се некои од главните констатации во овој извештај на американската влада за минатата година.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG