Достапни линкови

logo-print

Седница на Комитетот за односи меѓу заедниците


Зградата на Собранието на РМ

Зградата на Собранието на РМ

За денеска е закажана седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците. На дневен ред е извештајот на Народниот правобранител за соодветна и правична застапеност и недискриминација. Поканети се и претставници од канцелариите на ОБСЕ и на ЕУ.

Седницата на Комитетот за односи меѓу заедниците најверојатно ќе се одржи. Претседателот на комитетот Џевад Адеми за ова добил потврда од членовите на Комитетот вклучувајќи ги и оние коишто не присуствувале на последните неколку седници. Адеми вели дека не знае дали ова се должи на претходните средби коишто ги одржал со меѓународните претставници во земјава, амбасадорите на ОБСЕ и на ЕУ Хереро и Фуере како и на нивните контакти со претставници во владата.
После контактите што ги имав со релевантните меѓународни претставници во Скопје, сметам дека на добар пат сум за да ги надминам овие работи и Комитетот ќе се деблокира

„После контактите што ги имав со релевантните меѓународни претставници во Скопје, сметам дека на добар пат сум за да ги надминам овие работи и Комитетот ќе се деблокира. И амбасадорот Фуере и амбасадорот Хереро и претставниците на американската амбасада, укажаа на важноста, на огромната улога што Комитетот може да ја одигра и фактот дека Комитетот е директна обврска која што извира од Охридскиот рамковен договор.“

Членовите на Комитетот ги застапуваат заедниците на кои им припаѓаат, вели Адеми, но тој не го исклучува нивното потклекнување на партиски став. За неодражните седници веќе фрли сомнеж кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо кон како што рекоа тие, претставниците на помалите заедници кои членуваат во Комитетот.

„Со сета добра волја, но не држи аргументот дека кворумот го загрозуваат пратениците од помалите политички партии, затоа што тоа тие неможат ниту со бројка да го направат. Деветта седница за проектот „Скопје 2014“ пропадна поради фактот што, од седумте члена Македонци, присутни беа само тројца, четворица не беа. Сите четворица се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Адеми чие целосно интервју на оваа тема ќе го емитуваме в недела.
.
Мојот став е дека од темите нема бегање, во тие моменти точно е дека немало услови, што незначи дека и во иднина нема да се одржат

Отсуствата не се политички обоени, ниту пак претставуваат бегство од жешките теми, го демантира претседателот на комитетот, пратеничката Анита Кипаризовска која ја претставува влашката заедница, инаку член на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мојот став е дека од темите нема бегање, во тие моменти точно е дека немало услови, што не значи дека и во иднина нема да се одржат.“

Иван Стоиљковиќ, кој ја претставува српската заедница во комитетот, своите отсуства на последните седници ги оправдува со револтот на малите заедници за третманот во Комитетот и пошироко во однос на реализацијата на Рамковниот договор.

„Блокиран е последниот конкурс за прием на помалите етнички заедници кога станува збор за правична застапеност, и тој конкурс не се реализира веќе подолго време. Кој е начинот да ги натерате да реализираат нешто, доколку не покажете дека не се согласувате со начинот на нивната работа.“

Стоиљковиќ додава и дека блокадата ја предизвикале токму малите заедници и дека тоа вродило со плод. На седницата, доколку се одржи, Комитетот ќе расправа по нова точка на дневен ред, а тоа е извештајот на Народниот правобранител за соодветна и правична застапеност и недискриминација, најавува Адеми. Поканети се да присуствуваат претставници од канцелариите на ОБСЕ и на ЕУ, но неизвесно е дали ќе присствуваат и на кое ниво би биле претставени.
XS
SM
MD
LG