Достапни линкови

Нашето ново прашање во рубриката Хајд Парк се однесува на меѓуетничките односи во Македонија, кои според последните истражувања бележат влошување. Во коментарите доминара ставот дека „станува збор за манипулација“ и измислување на проблем со кој се подгрева јавноста.

Само неколку дена е нашето ново прашање во Хајд паркот, каде што, си знаете веќе, можете да си напишете се' што мислите и се' што ви лежи на срце – а, никој да не ве кара. Ова за карањето сфатете го како мала шега, се разбира. Значи, Хајд паркот: прашањето, знаете, проследено со вообичаената анкета на наши граѓани е околу меѓуетничките односи, кои според истражувањата, во последно време се влошени, и дали тоа некому во државава одговара или не. Претпоставувам дека поради тоа што е само неколку дена, досега има само три пораки. Не верувам дека не сте заинтересирани за доброто меѓуграѓанско живеење, поточно, дека темата не ве интересира, па затоа и не пишувате.

Видео Хајд Парк - Меѓу етнички односи



Во анкетата сите граѓани велат дека нив ги расипуваат политичарите. Некоја Мани или некој Мани, не е напишано од кој град е, а тоа не е ни важно, впрочем, напишал дека „се' се тоа манипулации … дека се' е тоа намерно. Измислуваат проблеми“, пишува Мани, „палат народ и после шо сакаш…милина“. Славе од Струга, веројатно откако ја изгледал анкетата во Хајд паркот, каде што повеќетемина сметаат дека политичарите ги прават проблемите, има забелешки и за народот, како што пишува: „Да бе, санки народов ни е супер!!!“, засилено со три извичници. Е, Славе, Славе, јас би додала, каков народ таква држава.

Некој Димитар од Скопје забележува дека „во последно време се манипулира многу повеќе со меѓуетничките односи“. Значи, почитувани, сите изгледа сме свесни дека политиката замешува прсти и во овој дел од нашиот живот, а се знае зошто: за собирање политички поени кај народот кои во еден одреден момент од нашиот живот, наречен избори, се многу употребливи.

Инаку ќе ви кажам една лична дилема: кого и да прашаш сите велиме дека „јас со мојот комшија кој е Албанец, Турчин, Бошњак, Србин или што и да е, си живееме многу убаво, ама еве, пак не ни чини нешто“. Од каде е тоа? Зошто е тоа? Можеби само мислиме дека живееме добро. Можеби само си кажуваме „добар ден“ или „добро утро“, ама тоа, очигледно не е доволно. Значи ако политичарите ни го расипуваат меѓуетничкото заедничко живеење, поради свои интереси и цели, секој од нас може барем малку да придонесе за нивно подобрување, поради свој интерес, кој на крајот, ќе израсне во општ интерес: одете му на комшијата на кафе, или поканете го да дојде кај вас на кафе. Па, нели кафето кај нас, а и на овие балкански простори, е најлесниот начин да се воспостави комуникација. Така и ќе се запознаете подобро.

Како и да е, очекувам до следниот понеделник повеќе да пишувате за темава, оти таа е наша, нели? Инаку, во вашите веб-пораки има уште една реакција - на прегледот на неделниот печат, околу веста дека неделникот „Сега“ ќе излегува заедно со друг дневен весник, а не како самостојно издание: Владо од Скопје смета дека: „Јак весник, а уште појак уредник“. Ако дозволувате да додадам, добро е да има што повеќе весници и воопшто медиуми. Па и ако се лоши, тоа се само лични мислења, нели?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG