Достапни линкови

Ова е насловот во неделникот „Глобус“ на анализата за бранот азиланти од Македонија во земјите од ЕУ. Главната вест пак доаѓа од неделникот „Сега“ кој од средата е последен како самостојно издание по раскинувањто на соработкота со Плус Продукција.

Главната вест од најновите изданија на домашните неделници доаѓа од „Сега“. Бројот од средата е последен како самостојно издание на овој неделник кој на свој начин придонесе во развојот на критичкото јавно мислење во земјава и успеа да си добие своја читателска публика, без разлика дали некому му се допаѓа или не. Одговорниот уредник соопштува дека поради неисполнетите очекувања на финансиски план издавачот Плус Продукција, читај Велија Рамковски, одлучил да го прекине издавањето на неделникот на ваков начин и во ваков формат. Првиот човек на неделникот, Бранко Героски вели дека не сака да гледа политика во овој потег, но низ целиот негов текст-уводник провејува еден вид мала горчлива анализа полна со инсинуации за нашето политичко милје опколено со лицемерните бизнисмени, како што вели авторот, кои веќе почнуваат да заземаат позиции, по и со медиумите, за изборите, што според авторот на колумната, секако ќе биле годинава.

„Нема бегање од Македонија!“ ја насловува „Глобус“ пошироката статија за неодамнешниот бран азиланти од земјава кои, охрабрени од либерализираниот визен режим, со автобуси навалија кон Белгија. Неделникот прашува како дојде до тоа жителите на државата која пред две години беше подготвена за прием во НАТО и која треба да почне преговори за членство во ЕУ, да застанат рамо до рамо со апликантите за политички азил во европските држави од Авганистан, Сомалија, Еритреја или Нигерија? Покрај другото, „Глобус“ заклучува дека бегалците од тажната македонска реалност никако не можат да почувствуваат некаков ќар од слаткоречивите предизборни ветувања или од Декадата на Ромите.

„Фокус“ се обидува да открие што се крие зад желбата, како што пишува, на Груевци, за независно судство. Поточно, прашува „Фокус“, зошто на ВМРО-ДПМНЕ му требаа 4 години за да каже дека со тоа што министерот за правда е член на Судскиот совет, продолжува политичкото влијание врз изборот и разрешувањето на судиите? И дали сегашното чепкање во Уставот ветува дека Советот без министер, а со мнозинство судии ќе биде независен? Патем, ќе го сменат ли Маневски и од Советот на обвинители, од Академијата за судии и обвинители и дали ќе му го одземат дискреционото право да наименува нотари, извршители, медијатори, прашува „Фокус“.

Неделникот „Форум“, пак, објавува интервју со професорот на Факултетот за безбедност Миодраг Лабовиќ токму околу иницијативата на власта за промена на Уставот во делот на Судскиот совет. Накусо, бидејќи просторот не дозволува повеќе, професорот смета дека при ова треба многу да се внимава, затоа што површните решенија за Уставот можат да отворат други проблеми.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG